Според сопственикот на фирмата која работи на реконструкцијата на салата, се што било во Универзална сала и што имало некоја вредност дали за во Музеј или за да може да се искористи, уште во 2021 година било извадено. Во салата, вели Арсовски, беа старите материјали како иверица, стар челик, стар алуминиум

Универзална сала не изгоре. Изгореа градежните материјали што требаше да бидат дислоцирани од тој објект, рече Лазар Арсовски, сопственик на фирмата „Универзал Балкан“, која работи на реконструкцијата на салата на денешниот брифинг со новинарите.
Според него, се што било во Универзална сала и што имало некоја вредност и за во Музеј и за да може да се искористи уште во 2021 година било извадено. Во салата, вели Арсовски, беа старите материјали како иверица, стар челик, стар алуминиум.
„Од 2021 година наваму ние активно работиме некои 4-5 месеци. Околу 70 отсто е демонтиран материјалот што беше во наша надлежност да го исфрлиме. Остана помал дел што дел е од првата фаза, како што кажа надзорот, а дел е од втората фаза“,
рече Арсовски.
На новинарско прашање дали при чистењето на градежниот шут комапнијата се држела до елаборатот и дали сега огнот ја завршил работата за нив, Арсовски рече оти тоа не е точно.
„Ова не ни ја олесни работата. Тоа е стар челик и е паднат доле. Ние имавме елаборат како да го извадиме, а сега треба да се направи нов елаборат, да се види на кој начин може да се извади за да не направиме проблем и да се тргне оттаму“,
додаде тој.
Во однос на тоа кој ќе ја плати штетата, Арсовски рече дека секоја штета што е направена на терен што ќе се увиди и за трети лица ги сносат компаниите, како што е во договорот од кој вели дека нема бегање.
„Новиот објект, еве ќе бидам пооптимист, може да се почне побрзо, секоја штета што е на новата челична конструкција, ако биде увидена ќе биде заменета за нова и сето тоа ќе се среди. Се дури е во наше владение проектот ние тоа што мора да го направиме и ќе го направиме. Овој пожар не напарви некоја преголема штета на самиот проект и ако има таква ние ќе ја сносиме како последица“,
рече Арсовски.
Еден од оние што биле дел од надзорот на Универзална сала, рече дека за тоа кога ќе продолжат работите на објектот не зависи од нив.
„Сега треба да се направи некое испитување што и како настанало таму, веројатно ќе има вештачење и ќе мора да се испита новата постојна конструкција и тоа ќе го прават институти. Тоа дури не се покаже оти коегзистенцијата на материјалот, на металот не е нарушена, тогаш ќе продолжи со работа. Доколку испитувањето го покаже спротивното, тоа што е нарушено ќе се демонтира и ќе се почне со нова конструкција“,
рече тој.
Според него, позицијата која се запали е позиција која требало да се работи во втора фаза и за која рече дека има распишано јавна набавка и тој изведувач што ќе ја земе таа јавна набавка требало да ја демонтира.
Пожарот во Универзална сала се случи во вторникот наутро, а во гаснењето беа вклучени многубројни противпожарни екипи.
Поради вдишување чад од пожарот две жени со возило на Итната медицинска помош биле однесени на Клиниката за токсикологија.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) информираа дека три лица се приведени во врска со пожарот во Универзалната сала во Скопје. Според полициското соопштение, се работи за тројца градежни работници кои во моментот на пожарот извршувале работни задачи во објектот на Универзалната сала.
Од средата, увидни екипи со јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје го започнаа увидот на објектот на Универзалната сала, каде изби пожар, соопштија од Обвинителството.
Од Обвинителство рекоа дека во рамките на своите надлежности, Државниот инспекторат за труд извршил контрола на работењето на фирмите ангажирани за реконструкција на објектот и изготвил записник.