Според договорот потпишан во 2014 година со Русија, Унгарија планира да ја прошири централата „Пакс“, изградена во советско време, со два реактори ВВЕР од руско производство со капацитет од 1,2 гигават секој
Унгарија ќе стави вето на какви било санкции на Европската Унија против Русија кои се однесуваат на нуклеарната енергија, изјавил денеска за унгарското државно радио премиерот Виктор Орбан, пренесува Ројтерс.
Имено, Украина ги повика 27. земји членки на ЕУ да ја вклучи руската државна компанија за нуклеарна енергија „Росатом“ во санкциите на Брисел кон Москва, но Унгарија, која има руска нуклеарна централа што планира да ја прошири со „Росатом“, се противи на ваквите барања.
Орбан во интервјуто повторил дека на санкциите за нуклеарна енергија „очигледно мора да се стави вето“.
„Нема да дозволиме да се спроведе планот за вклучување на нуклеарната енергија во санкциите. Тоа не доаѓа предвид“,
рекол унгарскиот премиер.
Унгарија, која е членка на ЕУ, постојано ги критикува санкциите на Унијата кон Русија воведени поради нејзината инвазија врз Украина, наведувајќи дека тие не успеале значајно да ја ослабат Москва, туку напротив, ризикуваат да ја уништат европската економија.
Инаку, Западот не воведе санкции за „Росатом“ откако Русија ја нападна Украина, потсетува Ројтерс.
Унгарската нуклеарна централа „Пакс“ има четири мали реактори ВВЕР 440, изградени од Русија, со комбиниран капацитет од околу 2 000 мегавати, кои почнаа да работат меѓу 1982 и 1987 година.
Таа генерира околу половина од својата енергија, а централата го добива своето нуклеарно гориво од Русија.
Според договорот потпишан во 2014 година со Русија, Унгарија планира да ја прошири централата Пакс со два реактори ВВЕР од руско производство со капацитет од 1,2 гигават секој.