Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба денеска побара повеќе оружје и дополнителни санкции за Русија. Неговото барање уследи откако Москва најави проширување на офанзивата во Украина.
„Русите сакаат крв, а не преговори. Ги повикувам сите партнери да ги зајакнат санкциите против Русија и да ја забрзаат испораката на оружје за Украина“,
напиша Кулеба на Твитер.
Кулеба вели дека рускиот министер за надворешни работи признал дека негов сон е да заземе дополнителна украинска територија што, според Кулеба, докажува дека „Русија ја отфрла дипломатијата и се концентрира на војна и терор“.
Претходно, шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров изјави дека Москва нема исклучиво да се концентрира на источниот дел на Украина и оти преговорите меѓу Русија и Украина во сегашната ситуација немаат смисла.
„Сега географијата е поинаква. Не се работи само за Народна Република Доњецк и Народна Република Луганск, туку и за Херсон, Запорожје и голем број други територии“,
изјави денеска Лавров.
Лавров предупреди дека целите на Кремљ може да се прошират доколку Западот продолжи да испраќа оружје во Украина.
Инаку, руските сили изминатите недели бомбардираат украински градови и напредуваат во источна Украина.
Зеленска побара повеќе оружје од американскиот Конгрес
И првата дама на Украина, Олена Зеленска, во денешното обраќање пред американскиот Конгрес побара повеќе оружје.
„Ние сме благодарни за присуството на САД со нас во оваа војна, но војната не е завршена. Ве молам за повеќе оружје … да ги заштитиме домовите на сите и правото да се разбудиме живи во тие домови. Помогнете ни и заедно ќе извојуваме голема победа“, Таа покажа и фотографии на ранети деца при руската инвазија.
изјави Зеленска.
Зеленска вчера во Белата куќа се сретна со првата дама на САД, Џил Бајден. САД од почетокот на руската инвазија на Украина ѝ има доставено воена опрема од речиси седум милијарди долари.
Остин: САД ќе ѝ испратат на Украина уште четири артилериски ракетни системи ХИМАРС
Шефот на Пентагон, Лојд Остин, денеска изјави дека САД ќе ѝ испратат на Украина уште четири артилериски ракетни системи ХИМАРС.
„Продолжуваме да бараме нови начини да им се пружи долгорочна поддршка на храбрите мажи и жени на украинските вооружени сили и ќе ја адаптираме нашата помош така што Украина би имала технологии, боева муниција и огромна огнена моќ за сомоодбрана“,
изјави Остин на почетокот на виртуелна средба со сојузниците посветена на Украина.
Системите ХИМАРС имаат голем радиус на дејствување и повисока прецизност отколку артилеријата од советско време со што располага Украина. Земјата неделава изјави дека со вакви ракетни фрлачи досега нанела 30 удари по руски позиции за материјално-техничко снабдување и муниција.
Според Остин, новиот пакет помош вклучува и муниција и други артилериски боеви резерви. Вклучувајќи ги овие четири, САД досега на Украина и доставија 16 системи ХИМАРС.
Од почетокот на војната САД ѝ помогнаа на украинската одбрана со сума во висина од осум милијарди долари.