Стоилковски изнесе паушални, невистинити искази дека е извршен поврат на ДДВ, без основни познавања на даночните поими и процеси. Во таа насока посочуваме и дека овие фирми не се во делот со нафтената афера. Повторуваме дека УЈП нема извршен поврат кај даночните обврзници за кои зборуваше портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, се вели во денешниот демант од УЈП

Управата за јавни приходи (УЈП) и денеска ги демантира наводите и обидите за, како што велат, ширење на шпекулации од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
Од УЈП во демантот велат дека го покануваат партискиот портпарол Наум Стоилковски, преку даночната академија, да му дадат бесплатна едукација за основните даночни поими и процеси.
„На прес-конференцијата Стоилковски изнесе паушални, невистинити искази дека е извршен поврат на ДДВ, без основни познавања на даночните поими и процеси. Во таа насока посочуваме и дека овие фирми не се во делот со нафтената афера. Повторуваме дека УЈП нема извршен поврат кај даночните обврзници за кои зборуваше портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски“,
се вели во демантот од УЈП.
Во врска со денешниот случај за кој зборуваа од ВМРО-ДПМНЕ, од УЈП напоменуваат дека даночниот обврзник имал аконтативни даночни побарувања од 110 384 303 денари, и за наведениот износ Управата за јавни приходи нема извршено никаков поврат, ниту е извршено пребивање со други даночни долгови.
„Правото на одбивка на претходен данок е искажано како даночно побарување во даночните пријави. Со контролата кај даночните обврзници, истото не е признаено, за што е задолжен даночниот обврзник со ДДВ и дополнително утврден ДДВ поради недоставена документација за оправданоста на искажаните аконтативни побарувања. И за овој даночен обврзник како и за вчерашниот, УЈП ја извести Управата за финансиска полиција за преземање на понатамошни постапки“,
додаваат од УЈП во денешниот демант.
Наум Стоилковски, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, на вчерашната прес-конференција обвини дека најмалку 22 милиони евра од Управата за јавни приходи се исплатени на криминален начин кон приватни фирми по основ на поврат на ДДВ. Денеска, пак, Стоилковски пред новинарите сподели документи според кои, како што вели, директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска не ја говори вистината дека спречиле злоупотреби преку поврат на ДДВ.
„Ниту во вчерашниот случај што го наведува Стоилковски, не станува збор за реализиран поврат на ДДВ. И во овој случај, даночниот обврзник има поднесени даночни пријави со даночно побарување – аконтации оставени за идни периоди (а не барања за поврат како што е изнесено во јавноста). Вкупно побарување за аконтативните пријави се во износ од 32 944 089 денари, за што Управата за јавни приходи нема извршено поврат и не е извршено пребивање со други даночни долгови“,
се додава во денешниот демант од УЈП.
Правото на одбивка на претходен данок, додаваат од УЈП, е искажано како даночно побарување во даночните пријави.
„Со контролата кај даночните обврзници, истото не е признаено, за што е задолжен даночниот обврзник со ДДВ и дополнително утврден ДДВ, поради недоставена документација за оправданоста на искажаните аконтативни побарувања“,
велат од УЈП.
Уште еднаш ја потсетуваме јавноста, додаваат од УЈП, дека кон фирмите не е извршен поврат, туку фирмите за кои зборуваат од ВМРО-ДПМНЕ имаат даночен долг за кои по констатираните состојби и прибавените докази од извршените контроли, заедно со целокупната документација се доставени до Управата за финансиска полиција за понатамошно постапување согласно нивните законски надлежности. Исто така, велат од УЈП, побарани се и податоци за патни исправи кои се наведени во историјатот на промени во Централниот регистар на РСМ.
„Јавноста треба да биде целосно информирана, граѓаните не треба да се доведуваат во заблуда. Апелираме ВМРО-ДПМНЕ да се воздржи од ширење на лаги и шпекулации“,
наведуваат од УЈП во денешниот демант.
Обвинувањата на релација ВМРО-ДПМНЕ и УЈП продолжија и денеска, откако вчера Стоилковски презентираше дека УЈП на фирма „Актико текст“, која потоа била продадена со сменето име „Окитна трејд“ искористила поврат од 11 милиони евра, а потоа УЈП откри дека воопшто нема деловни книги до кои може да се дојде, а газдата на фирмата воопшто не постоел.
На ова и вчера следуваше демант од страна на УЈП во кој тие кажаа дека биле извршени сите контроли и од нивна страна биле преземени сите постапки, а дополнително, обврзниците доставиле даночни пријави со даночно побарување оставени за идни периоди, а не за барања за поврат, како што кажа Стоилковски.
Но, денеска Стоилковски одговори на демантот, велејќи дека „Окитна трејд“ не е фирма за нафтени деривати, туку со дејност трговија на големо со текстил и тоа го пишува во документ токму од УЈП. Второ, додаде Стоилковски, „Окитна трејд“ не должи неплатен данок, туку напросто кажано УЈП си ги бара парите назад затоа што УЈП овозможило поврат на ДДВ преку криминален начин. И тоа повратот на ДДВ е даден додека фирмата не била продадена и додека не го сменила името, рече Стоилковски.