Владејачкиот ВЛЕН и опозициската ДУИ со меѓусебни обвинувања за случајот со поранешниот вицепремиер Артан Груби и постапувањето на Обвинителството. ВЛЕН прашува зошто сè уште нема обвинение за предметот „Лотарија“, додека од ДУИ обвинуваат дека со ваквите реакции власта врши директен политички притисок врз обвинителите
Од ВЛЕН велат дека поминале речиси шест месеци откако на Груби му бил определен куќен притвор во случајот „Лотарија“, а обвинение сè уште нема. Според партијата, на 22 август истекува крајниот рок поради што бараат Обвинителството јавно да соопшти до каде е постапката.

„Дали Артан Груби ја отворил устата, пропеал и токму затоа целиот случај се развлекува?“, прашуваат од ВЛЕН нарекувајќи го поранешниот висок функционер „црната кутија на ДУИ“ зашто поседува информации за начинот на кој во минатото се носеле одлуки и се склучувале зделки во партијата.
„ВЛЕН бара од Обвинителството да престане да игра криенка со правдата и јавно да каже зошто сè уште нема обвинение во случајот ‘Лотарија’, каде заглавија постапките и дали воопшто презело нешто по наодите на американските власти“,
се вели во партиското соопштение.
Од ДУИ возвратија дека токму ваквото јавно прозивање на Обвинителството претставува политички притисок врз правосудните институции.

Според опозициската партија, обвинителите и судовите треба да одлучуваат исклучиво врз основа на законите и доказите, а не според барањата на политичките партии.
„Обвинителството и судовите мора да одлучуваат врз основа на докази, а не врз основа на политички и партиски директиви. Селективна партиска правда не им е потребна ниту на граѓаните ниту на Северна Македонија“,
порачаа од ДУИ.
Партијата тврди и дека за својата загриженост информирала претставници на меѓународната заедница, вклучително и за последното соопштение на ВЛЕН.
„Обвинителите ја носат одговорноста и мора да одлучуваат врз основа на закон, докази и вештачења, а не врз основа на партиски наредби и желби“, велат од ДУИ.
