Од Министерството за дигитална трансформација информираат дека, во рамките на превентивните активности, привремено бил блокиран надворешниот веб-сообраќај кон засегантите системи, со цел да се спречи евентуално искористување на ранливостите
Оттаму посочуваат дека Министерството, преку Секторот за кибербезбедност и владиниот тим за компјутерска безбедност (МКД-ГОВ-ЦСИРТ), продолжува со засилено и континуирано следење на киберзаканите, анализа на безбедносните настани и лог-записите, како и проверка на потенцијалните индикатори за компромитирање
Веб-страниците на македонската влада и на министерствата биле навремено заштитени по објавувањето на информациите за критични безбедносни ранливости во програмскиот јазик PHP, соопштија од Министерството за дигитална трансформација.

Инаку, владини институции и компании ширум Европа и светот вчера беа принудени да ги исклучат своите веб-страници откако беа откриени сериозни пропусти во програмскиот јазик на кој се темели поголем дел од интернетот, објавија светските медиуми.
Од Министерството за дигитална трансформација информираат дека, во рамките на превентивните активности, привремено бил блокиран надворешниот веб-сообраќај кон засегантите системи, со цел да се спречи евентуално искористување на ранливостите.
Потоа, се додава, биле спроведени проверки на софтверските верзии и биле применети соодветни безбедносни закрпи и ажурирања, а била проверена и функционалноста и безбедноста на веб-серверите.
Мерките, велат од ресорното министерство, се насочени кон намалување на ризикот од неовластен пристап и потенцијално компромитирање на веб-серверите.
„Според досегашните проверки, не се утврдени индикации за успешно искористување на наведените ранливости или за компромитирање на веб-страниците на Владата и министерствата“,
се вели во соопштението од кабинетот на министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
Оттаму посочуваат дека Министерството, преку Секторот за кибербезбедност и владиниот тим за компјутерска безбедност (МКД-ГОВ-ЦСИРТ), продолжува со засилено и континуирано следење на киберзаканите, анализа на безбедносните настани и лог-записите, како и проверка на потенцијалните индикатори за компромитирање.
„Заштитата на владината дигитална инфраструктура останува приоритет на Министерството. Преку навремено откривање и отстранување на ранливостите и примена на соодветни безбедносни ажурирања, Министерството продолжува да ја зајакнува безбедноста на системите и да обезбедува сигурно и стабилно функционирање на електронските услуги за граѓаните и компаниите“,
се додава во соопштението од ресорното Министерство.
Веб-страници на владите и на дел од институциите вчера беа исклучени откако еден ден претходно беше објавено дека се откриени сериозни пропусти во ПХП (PHP), програмскиот јазик на кој се темели поголем дел од интернетот. Станува збор за програмски јазик што го користат популарните платформи за изработка на веб-страници – меѓу кои „Вордпрес“ (WordPress), „Википедија“, софтверот за пораки „Слак“ (Slack), како и голем дел од Фејсбук.
„Виз“ (Wiz), една од компаниите за кибербезбедност што ги откри проблемите, проценува дека програмскиот јазик го користат околу 70 проценти од светските веб-страници. Според компанијата, откриените пропусти се веројатно меѓу најсериозните безбедносни предизвици откриени во историјата на софтверот.
Американската агенција за национална безбедност (НСА) им наложи на организациите веднаш да ги поправат ранливите системи или да ги отстранат од светската мрежа.
Поради откриената ранливост на пограмскиот јазик, вчера беа исклучени веб-страници на локалните власти во Франција, меѓу кои на париската полиција, во Холандија, како мерка на претпазливост биле исклучени националната служба за дигитален идентитет (DigiD), веб-страницата на Претставничкиот дом, па дури и веб-страницата на Националниот центар за кибербезбедност, а белгиското Министерство за надворешни работи привремено ја отстранило својата веб-страница, како дел од превентивните мерки. Чешката влада, исто така, привремено ја отстранила својата веб-страница за да спроведе безбедносни мерки.
