Според него, парите биле извлечени за поврат на ДДВ преку разработена шема, а директорката Лукаревска не ја говорела вистината кога рекла дека спречиле измама

Најмалку 22 милиони евра од Управата за јавни приходи се исплатени на криминален начин кон приватни фирми по основ на поврат на ДДВ, обвини денеска на прес-конференција Наум Стоилковски, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ. Тој во раката држеше документи кои, како што рече, покажуваат дека се работи за добро разработена шема за извлекување пари од државата. Според него, тие документи докажуваат и дека Сања Лукаревска, директорката на УЈП, не ја говорела вистината кога рекла дека бил спречен обид за измама преку поврат на ДДВ.
„Без да должам, го отворам првиот случај. Ова се документи за случајот ‘Актико Текст’, струмичка фирма регистрирана со 5 000 евра во април 2022 година, за трговија со текстил на големо. Основач е Зуле Кармзова, која по само три месеци има побарување до УЈП за поврат на ДДВ од 10,5 милиони евра, за увоз на стока од 50 милиони евра. Фирмата со толку стока потоа пријавила само три илјади евра за данок, иако вредноста УЈП ја проценила на 8,5 милиони евра“,
рече Стоилковски.
Тој продолжи дека Кармзова подоцна, на 29 декември 2022 година, ја продала компанијата на извесен Егзон Бериша од Косово. Тогаш компанијата ја сменила адресата од Струмица во скопско Визбегово, а го променила и името од „Актико Текст“ во „Окитна Трејд“. Таа фирма, според него, по првите три месеци од 2023 година искористила поврат на ДДВ од половина милион евра за набавена стока од 14 милиони евра, а наместо да плати 2,7 милиони евра данок, пријавила само 15 илјади евра.
„За појасно, вкупно оваа фирма, од април 2022 до март 2023, искористила 11 милиони евра поврат на ДДВ, треба да плати 11 милиони евра данок за стока за која вкупно пријавила до УЈП само 18 000 евра. А во декември сменила сопственик, од Струмица на Косово, и адреса од Струмица во Визбегово“,
рече Стоилковски.
Како што додаде, дури во јули 2023 година, УЈП се обидела да направи увид во книгите, но бидејќи Зуле Кармзова од Струмица веќе ја продала фирмата, за неа приказната била завршена. УЈП, според него, не можела да го најде новиот сопственик Егзон Бериша од Косово, ниту пак неговата документација.
„Според податоците што ги има, УЈП го бара преку МВР. А одговорот е следен: Егзон Бериша не постои, има друго лице со тој број на пасош, а тој во Македонија таа година воопшто не влегол. И УЈП констатира дека нема деловни книги, сметководство и дека фирмата со непостоечки газда должи над 11 милиони евра! Ама сега нема кој да плати“,
заклучува опозицискиот портпарол.
Тој прашува зошто Управата, како што вели, спиела цела година и не се посомневала како нова фирма одеднаш пријавува поврат за енормни 50 милиони евра и како со толку стока пријавила само 15 илјади евра данок. Стоилковски праша и дали Зуле Кармзова, која е основачка на фирмата, е сопруга на Кармзов, чија што фирма, вели тој, во јуни 2020 година била една од петте вмешани во ист криминален скандал, извлекувајќи над пет милиони евра за четири месеци по основ на поврат на ДДВ.
„Значи, стара шема, позната шема, со речиси исти играчи. Прашање е што правела УЈП со Лукаревска? Како е возможно да нема аларм за толкави побарувања за поврат? И тоа од веќе за УЈП звучно презиме. Единаесет милиони евра за една година. А ова е само еден случај“,
рече Стоилковски.