Наводна мета, според нив, повторно ќе биде редакцијата на таблоидот „Информер“, каде што демонстранти упаднаа и во понеделникот, при што, како што велат, ќе се направи обид одговорноста да се префрли на студентите
Студентите во блокада, кои победија на предвремените парламентарни избори во Србија со Студентската листа, предупредуваат дека вечерва одредена група ќе се обиде да изрежира инциденти во Белград.

Наводна мета, според нив, повторно ќе биде редакцијата на таблоидот „Информер“, каде што демонстранти упаднаа и во понеделникот, при што ќе се направи обид одговорноста да се префрли на студентите.
„Имаме причини да веруваме дека одредена група вечерва планира да предизвика инциденти во Белград. Редакцијата на ‘Информер’ ќе биде наводната цел на овој исцениран напад, при што ќе се направи обид вината да им се префрли на студентите. Знаеме кому му оди во прилог студентите да бидат прикажани како насилни и сакаме да нагласиме дека во тоа нема да успеат“,
се наведува во објавата на социјалните мрежи на студентите во блокада.
Тие ги повикуваат граѓаните да не подлегнуваат на ваквите повици и критички да ги примаат сите информации што ќе почнат да кружат во врска со можните исценирани немири во Белград.
Инаку, во понеделникот вечерта група демонстранти упаднаа во редакцијата на српскиот таблоид „Информер“, кој важи за близок до поранешната владејачка партија СНС. Тие ја прекинаа програмата во живо и побараа од сопственикот и главен уредник Драган Вучиќевиќ да излезе и да им се извини на граѓаните за начинот на известување на медиумот во изминатите години, вклучително и за студентските протести. Побараа да биде уапсен за тоа што го правел изминатите години служејќи му на експретседателот Александар Вучиќ.
По упадот во „Информер“, студентите во блокада и носителот на Студентската листа, Илија Срдановиќ, рекоа дека не ги поддржуваат упадите во медиумите и ги повикаа граѓаните да не посегнуваат по никаков вид насилство.
