Беџети во интервју за емисијата „Трилинг“ вели дека едно се студиите и процедурите на факултетот со издавање на уверенија за завршени студиски обврски, а друго е што „некој дотичен влегува во друга инстанца без да ги исполнува пропишаните услови“
Ректорот на Универзитетот на Југоисточна Европа и академик, Абдулменаф Беџети вели дека високообразовната установа чиј ректор е нема одговорност во случајот со синот на собранискиот спикер Талат Џафери, на кого му било овозможено сè уште недипломиран да полага правосуден испит и да се запише на Акедимијата за судии и јавни обвинители.

Беџети во интервју за емисијата „Трилинг“ вели дека едно се студиите и процедурите на факултетот со издавање на уверенија за завршени студиски обврски, а друго е што „некој дотичен влегува во друга инстанца без да ги исполнува пропишаните услови“.
Според ректорот, станува збор за техничка и административна грешка.
„Всушност станува збор токму за тоа. Меѓутоа прво треба да објасниме, бидејќи информацијата беше лиферувана на многу погрешен начин, преземена од инспекцискиот надзор и наод на почетокот на годината. Немаше констатирано материјални нормативни неправилности во записникот и не следуваа никакви мерки затоа што не се работело за дипломи туку станува збор за постапка за издавање на одредени уверенија кои всушност ја немаат таа валидност и јачина во правниот промет, затоа што уверенијата се издаваат во временски период од две до три недели откако студентот завршува со сите обврски. Добива уверение дека дипломирал во соодветна студиска програма, на соодветен факултет во случајот Правен факултет во тригодишна студиска програма каде е наведено 180 европски трансфер кредити . Значи тој (Барлет Џафери н.з.) завршил тригодишни студии кои легално биле акретидирани, бидејќи тој не нѝ е единствен студент, нашите студенти заминуваат во Европа и не се оспоруваат, се оспорува тука. Тоа е друго што некој дотичен влегува во некоја друга инстанца без да ги исполнува пропишаните услови за кои се бараат четиригодишни студии, тоа е сосема друго“,
вели ректорот на УЈИЕ.
На прашањето како поранешниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловсиа, неговата колешка – поранешна претседателка на скопскиот Кривичен суд и на Врховниот суд, Лидија Неделкова и поранешниот Народен правобранител Иџет Мемети, кои биле дел од Комисијата за правосуден испит при Министерството за правда во 2015 година пропуштале недипломирани студенти, Беџети вели: „Ќе ги прашање нив“.
„Нема што да мислам. Јас нема што да кажам тука, јас ниту ги знам, ниту сакам да ги знам, јас сум институционалист, јас сум краен легалист“,
вели ректорот и академик, одговарајќи што мисли околу ова прашање.
Државната комисија за спречување на корупција неодамна утврди дека Барлет Џафери син на претседателот на Собранието, Талат Џафери се здобил со право да полага правосуден испит, иако сè уште не бил дипломиран.
„Од документацијата со која располагаме можеме да заклучиме дека студиите со кои се стекнал со триста кредити кандидатот ги завршил по положувањето на правосудниот испит. Не ни се совпаѓа потребното време од стекнувањето на триста кредити до можноста да се полага правосуден испит, меѓутоа не можеме тоа да го потврдиме бидејќи документите во Министерство за правда не се чуваат, затоа што се работи за предмет со постари датуми и не постојат мерки од наша страна што можеме да ги преземеме. Единствено што можеме да потврдиме е дека лицето Барлет Џафери ги исполнил условите за на Академија оти имал положено правосуден испит, но како се стекнал со правото за правосуден испит не“,
истакна претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.
Од Министерството за правда информираат дека Барлет Џафери положил правосуден испит на 05.02.2015 година, а потписот за положениот испит го ставил тогашниот министер за правда Аднан Јашари. Документите на кандидатите кои полагале правосуден испит било пракса да се чуваат една година.
Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во гостување во емисијата „Топ Тема“, на 28 ноември истакна дека предвременото полагање правосуден испит било масовна појава во тоа време, кога и синот на Талат Џафери положил правосуден испит пред да дипломира.
Министерот за правда Никола Тупанчески не сакаше да коментира дали на Барлет Џафери треба да му се одземе предвреме положениот правосудниот испит, но вели дека целата состојба треба да се провери.
„Доколку навистина постојат случаи кои се граничат со примената на законот, тогаш би требало да реагираат и другите институции. Целата состојба треба да се провери. Не се работи за еден случај, туку се работи за примена на дискреционо право на именуван функционер. Дефинитивно, некој го искористил тоа дискреционо овластување и токму затоа од тие причини законот е изменет за да не постои никаква можност во иднина, рече Тупанчески одговарајќи на новинарско прашање на 30 ноември по отворањето на првата дигитална судница во КПУ „Идризово“.