Освен за денеска, УХМР најавува нестабилно време со пороен дожд, грмежи и ветер и во текот на утрешниот ден, но и за време на викендот. В недела се најавува пад на дневната температура за неколку степени
Времето денеска е сончево и многу топло со максимална температура од 30 до 35 Целзиусови степени, додека, пак, попладне и во вечерните часови ќе има изолиран развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за појава на град, најави Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Од УХМР најавуваат дека под влијание на влажна и нестабилна маса утре попладне и за време на викендот времето ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
„Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд (за кратко време поголема количина), силни електрични празнења, силен ветер (над 70 км/час) и појава на град“,
најавуваат од Управата.
И во Скопската Котлина за време на викендот времето ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, повремено и во форма на краткотрајно невреме.
Во случај на појава на електрични празнења од УХМР препорачуваат поголема внимателност, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Во недела, од УХМР најавуваат пад на дневната температура за неколку степени.