Според бојата која е дадена во апликацијата да може да се види дали водата од тој параметар е со одличен, добар, прифатлив, слаб или со лош статус
Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) денеска ја промовираше дигиталната мониторинг платформа за следење на квалитетот и загадувањето на реките која е изработена во рамките на кампањата „Разбистри се”.
„Целта е да се обезбедат информации за статусот на водите, но и податоци за креирање оправдани, одржливи и ефикасни политики за користење и заштита“,
објасни претставникот на Институтот за комуникациски студии, Дејан Андонов.
Радмила Бојковска, од Секторот за квалитет на води на УХМР, истакна дека и досега тие ги објавувале податоците за квалитетот на водите во државата, но тие податоци биле поставувани во нумерички вредности кои не биле разбриливи за пошироката јавност.
„Затоа се решивме да ја направиме оваа алатка во која податоците за сите параметри кои влегуваат во проценка на квалитетот на општо физичко-хемискиот статус да се прикаже со сите измерени параметри. Според бојата која е дадена во апликацијата да може да се види дали водата од тој параметар е со одличен, добар, прифатлив, слаб или лош статус“,
рече Бојковска.
Во време на пандемија таа истакна дека квалитетот на водата на реката Вардар, на одредени места е подобрена.
Атанас Угрински од УМХР, при презентација на дигиталната мониторинг-платформа, зборуваше за хидролошката состојба на реките за тековната година.
Тој посочи дека водостоите во последните денови бележат опаѓање по обилните врнежи од дожд кои се случија во изминатиот период. Тоа се бројки кои воопшто не се за потценување, бидејќи во некои други околности за овие врнежи од дожд би зборувале за опасност од можност поплавување или излевање на реките од своите речни корита.
Тој го посочи Преспанското Езеро, како пример кој ги руши рекордите во поглед на минималниот водостој, а Охридското Езеро беше на границата не дозволениот минимум, додека сите вештачки акумулации во земјата биле речиси испразнети. Од УХМР очекуваат оваа зима да има повеќе снег и посочија дека новата дигитална алатка ќе ја поткрепат со нови хидролошки податоци.