Исклучок се учениците од завршните години во средно образование, кои ќе имаат настава до 16 мај

Учениците од основните и средните училишта од утре се враќаат во училишните клупи и го почнуваат второто полугодие од оваа учебна година.
Оваа учебна година ќе трае до 10 јуни, а исклучок се учениците од завршните години во средното образование, кои ќе имаат настава до 16 мај. Во второто полугодие учениците годинава ќе го немаат пролетниот распуст, како што тоа беше случај минатата година и кога учебната година беше продолжена до 17 јуни.
По повод почетокот на вториот дел од учебната година, министерката за образование и наука Весна Јаневска на учениците, наставниците и на родителите им посака успешно совладување на новите предизвици, нагласувајќи дека секој треба да придонесе во градењето пријателски и безбедни училишта, во кои владее култура на разбирање и соработка.
„Тоа се важни предуслови за стекнување квалитетни знаења, вештини и компетенции, кои младите ги оформуваат како одговорни граѓани и идни лидери на инклузивно, праведно и просперитетно општество“,
се вели во соопштението од Министерството за образование.