Додека да бидат готови учебниците за овие две одделенија, од МОН велат дека учениците ќе користат помошни материјали кои ги изработува БРО и ќе бидат достапни во електронска форма

Учениците од трето и шесто одделение учебниците ќе ги добијат набрзо по почетокот на новата учебна година. Од Министерството за образование и наука (МОН) велат дека учебниците за трето одделение се во понапредна фаза на изработка и одобрување во споредба со оние за шестоодделенците. Додека да бидат готови учебниците за овие две одделенија, од МОН велат дека учениците ќе користат помошни материјали кои ги изработува БРО и ќе бидат достапни во електронска форма.
„Тие ќе помогнат во постигнување на резултатите од учење кои се определени во секоја тема од наставните програми“,
велат за МИА од Министерството за образование и наука.
Новите учебници за трето и шесто одделение се изработуваат по нова наставна програма од Бирото за развој на образованието (БРО), доставени во декември 2022 за трето и во април 2023 за шесто одделение, а кои се согласно планот за реформа на основното образование кој се спроведува етапно.
Учениците од прво, второ, четврто и петто одделение, за кои наставните програми беа креирани минатите две години, од МОН велат дека ќе ја почнат учебната година со нови учебници по сите предмети. Исклучок ќе биде учебникот по Историја и општество за петто одделение кој беше повлечен од употреба поради потребата од технички исправки и корекции на одредени содржини со неточни податоци. По овој предмет ќе има помошен материјал по кој ќе се изучува материјата додека не се изработи и достави учебникот.
Во седмо, осмо и деветто одделение ќе се користат веќе одобрените учебници од изминатите години, а тиражот ќе биде надополнет со новоиспечатени комплети во број колку што самите училишта пријавиле во текот на мај.
Од МОН велат дека учебниците од четврто и погорните одделенија ќе имаат дигитална верзија, а процесот на дигитализација ќе се одвива етапно.
„Оваа година се работи на дигитализација на учебниците за четврто, петто и шесто одделение. Тие ќе бидат прикачени на посебен портал кој е во фаза на изработка и учениците и наставниците со кликање ќе може да ги симнуваат и да ги користат доколку им е полесно учењето од дигитални учебници“,
велат од МОН.
Во однос на доцнењето на учебниците минатата учебна година, кои учениците ги добија на крајот од првото полугодие и дотогаш користеа материјали за учење со разработени содржини од предвидената наставна програма, МОН укажува дека постапката за изработка и одобрување учебници, која е уредена со Законот за учебници во основното и средното образование, е сложен процес кој може да потрае и неколку месеци.
„Затоа се случува процесот за одреден предмет, да не се заокружи пред почетокот на нова учебна година. Тоа е така поради разни причини. Се случува за предметот да нема интерес за доставување ракописи од автори и потоа целиот процес мора да се повтори. Се случува и да се достават ракописи за кои рецензентските комисии ќе побараат извесни корекции по кои авторите мора да постапат, што исто така го пролонгира завршувањето на постапката. Проблем настанува и во немањето рецензенти кои ја имаат клучната улога во давање мислење за ракописите. Потоа следува разгледување и одобрување од Националната комисија за учебници, па техничко уредување, печатење и испорака“,
додаваат од Министерството.
Оттаму посочуваат и дека навремено ги спроведуваат сите постапки за изработка и одобрувања на учебниците и секогаш согласно законот и роковите.
Од Министерството за образование и наука уверуваат дека подготвителните активности за успешен старт на новата учебна година се интензивираат и учениците, родителите и наставниците треба да бидат спокојни и ослободени од грижите кои ги имаа во изминатите години од аспект на обезбедени учебници, наставни и нагледни средства и услови за настава. Според МОН, новата учебна година ќе биде значително поподготвена во однос на минатите.