Известени се директорката на училиштето, Центарот за социјални работи и јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат од МВР
Ученичка во основно училиште на подрачјето на Општина Центар направила список со закани за соученици, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Случајот во СВР Скопје вчера го пријавила 47-годишна жена.
„Известени се директорката на училиштето, Центарот за социјални работи и јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот“,
велат од МВР.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, по убиствата во училиште во соседна Србија, вчера имал состанок со директорките на основните училишта во Општина Центар, на кој разговарале за тоа како заеднички да придонесат за поголема безбедност и сигурност на учениците.
„На директорките им дадов конкретни насоки – до крајот на оваа недела да свикаат состаноци на сите училишни тела: Совет на родители, Училишен одбор и родителски средби, да се разговара за актуелните состојби и заедно со децата, родителите и наставниците да работиме на решавање и на надминување на проблемите на децата во училиштата“,
информира Герасимовски на Фејсбук.