Победа на Нова Демократија на денешните предвремени парламентрани избори. Првичните резултати по затворањето на избирачките места покажуваат убедлив триумф на опозицијата.
Проекциите на грчкото министерство за внатрешни работи се дека партијата на Кирјакос Мицотакис освоила 39,8 отсто од гласовите, наспроти владејачката Сириза со 31,5 отсто. Овие бројки преточени во пратенички мандати значат дека Нова Демократија би можела да се надева на 155 до 167 пратеници од вкупно 300 места во грчкиот законодавен дом што пак значи сигурно мнозинство за формирање влада која би ја предводел 51-годишниот Кирјакос, човек со диплома од Харвард, долгогодишен член на Парламентот, претставник на политичката династија Мицотакис.
Мицотакис: Ви благодарам за „силниот мандат“
Во изјавата вечерва Мицотакис му се заблагодари на електоратот за, како што го нарече, силниот мандат.
„Се обврзувам дека ќе ги намалам даноците, ќе ги зголемам платите и инвестициите и дека ќе ја поттикнам вработеноста. На Грција и ќе дадеме посилен глас на европската сцена“,
изјави Мицотакис.
Голем дел од неговата реторика во изминатите месеци беше критика на Преспанскиот договор и обвинувања до лидерот на Сириза и премиер Алексис Ципрас дека направил преголеми отстапки за сметка на грчките национални интереси. Но, самиот Мицотакис и високи функционери на неговата партија, во последните јавни настапи повторуваа дека Договорот од Преспа не може еднострано да се отфрли.
Тоа што Нова Демократија освои доволно пратеници за сама да формира влада се смета за добра вест за Преспанскиот договор и за С. Македонија зашто Мицотакис нема да да мора да коалицира со други десни партии и така ќе може да води поумерена надворешна политика.
Ципрас: Пресуда за тешките одлуки што ги донесовме
Откако стана јасно дека ги загуби изборите, Ципрас пред новинарите соопшти дека разговарал со Мицотакис и дека му ја честитал победата.
„Денеска, со крената глава ја дочекавме пресудата на граѓаните. За да ја донесеме Грција таму каде што е денес моравме да донесеме тешки одлуки кои имаа тешка политичка цена“,
изјави премиерот во заминување, Алескис Ципрас.
Според најавите, можно е Мицотакис веќе утре да даде заклетва и да биде избран за нов премиер.
Од останатите партии, Движењето за промени, партија која го опфаќа левиот центар, се очекува да добие 8,2 отсто од гласовите, додека Комунистичката партија може да се надева на поддршка од 5,3 отсто – покажуваат проекциите. Засега, според овие резултати, ултранационалистичката „Златна зора“ најевројатно за 0,01 отсто нема да успее да го надмине прагот за влез во Парламентот.