На осомничените, кои се товарат за тешко кривично дело против општата безбедност им е одреден притвор од 48 часа, по што заедно со кривична пријава ќе бидат изведени во Третото основно јавно обвинителство во Белград
Тројцата уапсени за инцидентот на белградскиот сплав „Фристајлер“, кој делумно потона за време на новогодишната забава, се осомничени дека дозволиле присуство на поголем број лица на сплавот од капацитетот на овој објект и со тоа ја загрозиле безбедноста на поголем број луѓе, соопшти вечерва Министерството за внатрешни работи на Србија.

Како што информираат оттаму, припадниците на петтото одделение на белградската криминалистичка полиција и интервентното одделение 92, во соработка со Третото основно јавно обвинителство Белград ги привеле одговорните за сплавот „Фристајлер“ – Д. В. (44), М. Р. (41) и М. Л Ј. (51).
Тие, според полицијата се товарат за тешко кривично дело против општата безбедност со намера да предизвикаат јавна опасност.
На осомничените им е одреден притвор од 48 часа, по што заедно со кривична пријава ќе бидат изведени во Третото основно јавно обвинителство во Белград.
Претходно, српските медиуми објавија дека се уапсени директорот, сопственикот и менаџерот на сплавот „Фристајлер“, меѓу кои еден е грчки државјанин.
Денеска, медиумите во Србија објавија и неофицијални бројки дека сплавот бил регистриран за 220 лица, а се претпоставува дека на новогодишната ноќ имало најмалку 400, а можеби дури и 600 луѓе.
Белградскиот сплав „Фристајлер“ до половина потона за време на новогодишната ноќ. Очевидци на драмата што се случила во популарниот клуб велат дека водата почнала да надоаѓа десет минути по полноќ, но дека на почетокот не разбрале што се случува. Кога сплавот се навалил, почнала паниката и стампедото кон излезот.
За среќа, во инцидентот немаше повредени и настрадани лица.
Градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ вчера изјави дека според неговите информации, причината за потонувањето на сплавот е тоа што на него се качиле два до три пати повеќе луѓе од дозволеното и дека понтоните што биле додадени на сплавот не биле со иста издржливост како претходните. Шапиќ рече дека ќе има контроли и драконски казни, но и кривична одговорност.
Српските медиуми денеска објавуваа нови детали поврзани со локалот, меѓу кои и за цените за дочекот на Новата година. Според информациите на порталот „Нова.рс“, кои ги пренесуваат и други српски медиуми, само влезот за новогодишната ноќ се плаќал 25 евра, а за пијачки се плаќало кој колку ќе испие.
Порталот „Нова.рс“ објави дека тонењето на „Фристајлер“ за време на новогодишната забава не е прв случај во кој овој белградски сплав се споменува во медиумите во негативен контекст.
Неодамна сплавот добил несакан публицитет од Специјалниот суд во Белград, од судењето на криминалната група на Вељко Беливук и Марко Миљковиќ, при сведочењето на обвинетиот-соработник Срѓан Лалиќ, озлогласен член на овој клан кој во замена за помала казна се согласи да сведочи против своите поранешни другари.
Сплавот се споменува во случаи на шверц на дрога, инциденти со оружје, повеќе случаи на физичко насилство, а во 2017 година бил и запален од страна на непознати лица.