Министерот за внатрешни работи соопшти дека двајцата напаѓачи носеле маски и биле присутни со верниците за време на неделната молитва, но не го прецизира мотивот на нападот или кој го извршил

Двајца вооружени напаѓачи се уапсени под сомнение дека убиле едно лице за време на богослужба во католичката црква „Света Марија“ во истанбулскиот кварт Сариер, соопшти турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја.
Министерот на мрежата Икс соопшти дека двајцата напаѓачи носеле маски и биле присутни со верниците за време на неделната молитва, но не го прецизира мотивот на нападот или кој го извршил.
Тој вели дека полицијата спровела повеќе од 30 рации и привела 47 лица во врска со нападот. Јерликаја изјави дека во нападот на италијанската католичка црква „Санта Марија“ бил убиен турски државјанин, кој бил цел на вооружени лица.
„Исламска држава“ (ИД) ја презеде одговорноста за нападот преку објава на мрежата Телеграм велејќи дека тоа е одговор на повикот на лидерите на ИД да ги таргетираат Евреите и христијаните.
Непосредно пред нападот, безбедносните камери пред црквата снимиле две маскирани лица како се движат покрај зградата.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изрази сочувство до католичката заедница во Истанбул и најави дека ќе бидат преземени неопходните чекори за апсење на убијците.