Лицето со иницијали А.Д. (21) било уапсен денеска на граничниот премин „Ќафасан“, при обид да влезе во земјава, соопшти МВР доцна вечерва
Инцидентот во кој беше избоден навивач на бугарскиот фудбалски клуб Левски се случи на 27 јули во скопски Чаир. Полицијата и Обвинителството ги идентификуваа осомничените за инцидентот со бугарските навивачи и против четворица од нив по брза постапка беа поднесени кривични пријави за насилство. Сепак меѓу нив не беше и лицето кое се сомничи дека го избодело бугарскиот навивач, бидејќи како што соопштија тогаш од Обвинителството се наоѓа во бегство и не е достапно на органите на прогонот. Дали тоа е лицето кое денеска е уапсено на граничниот премин „Ќафасан“ не се наведува во соопштението на МВР
Дваесет и едногодишен скопјанец кој се барал со потерница во врска со инцидентот со навивачите на ФК Левски што се случи летово во Чаир денеска бил уапсен на граничниот премин „Ќафасан“ на македонско-албанската граница.
Како што доцна вечерва соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР) лицето со иницијали А.Д. кое се сомничи за кривичното дело насилство било уапсено на граничниот премин при обид да влезе во земјава.
„Денеска (14.10.2023) околу 08.20 часот на граничниот премин ‘Ќафасан’, при влез во РСМ, лишен е од слобода А.Д. (21) од Скопје, кој бил баран со потерница поради основи на сомнение за сторено кривично дело насилство на 27.07.2023 извршено на ул.”Цветан Димов” во Скопје врз навивачи на ФК Левски од Софија“,
се наведува во соопштението на МВР.
Оттаму додаваат дека по целосното документирање на случајот до Основното јавно обвинителство Скопје против лицето ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Инаку, инцидентот на улицата „Цветан Димов“ во Чаир беше еден од повеќето кои се случија пред и за време на фудбалскиот натпревар меѓу екипите на Шкупи и Левски на 27 јули.
Во инцидентот еден бугарски навивач беше избоден со остар предмет и со тешки повреди заврши во болница во Скопје. Една недела подоцна тој со хеликоптер беше пренесен во Софија на натамошно лекување.
Како што информираа тогаш од МВР и од Обвинителството до инцидентот дојде откако бугарските навивачи пред натпреварот со две возила – „хонда“ и „фолксваген пасат“ самоволно се издвоиле од рутата обезбедена од полицијата и тргнале кон Чаир. Таму почнале првин вербална расправија, која потоа преминала во физичка пресметка со група граѓани кои излегле од околните објекти.
Полицијата и Обвинителството ги идентификуваа осомничените за инцидентот со бугарските навивачи и против четворица од нив по брза постапка беа поднесени кривични пријави за насилство.
Сепак, меѓу нив не беше и лицето кое се сомничи дека го избодело бугарскиот навивач, бидејќи, како што соопштија тогаш од Обвинителството тоа е бегство и не е достапно на органите на прогонот.
Дали тоа е лицето кое денеска е приведено на граничниот премин „Ќафасан“ не е наведено во соопштението на МВР.
Инаку, за инцидентите кои му претходеа и кои се случија за време на натпреварот македонската полиција приведе 21 лице, од кои 19 беа навивачи на Левски, а двајца на Шкупи, поради нарушување на јавниот ред и мир.