Бугарски државјани се упатиле кон Чаир, каде според пријавата во МВР, биле нападнати при што едниот од нив бил прободен. Тој се наоѓа во стабилна состојба
Друга група бугарски навивачи, пак, на Градскиот стадион го нарушила јавниот ред и мир и се однесувала агресивно кон полицијата поради што деветмина се приведени и се наоѓаат во полициска станица
Инциденти меѓу навивачите на Шкупи и на бугарски Левски, се случија вечерва во пресрет на натпреварот што двата клуба го играат на стадионот „Тодор Проевски“ во Скопје.
Еден бугарски државјанин е прободен со нож, по што веднаш е пренесен во болница, а во моментов се наоѓа во стабилна состојба.
Бугарските медиуми првично известија дека група фанови на Левски ја напуштиле безбедносната зона и се упатиле кон Чаир каде настанала тепачка со навивачките на Шкупи.
Овој инцидент го потврдуваат и од МВР од каде велат дека преземаат мерки за расчистување на случајот.
„На 27.07.2023 во 18.38 часот во СВР Скопје е пријавено дека на улицата ’Цветан Димов‘ физички биле нападнати Д.А. (29), Д.Ј.(28), Ф.Д.(31) и М.С.(30), сите од Република Бугарија, при што бил употребен и остар предмет, со кој бил повреден Д.А. Тој бил пренесен во ГОБ ’Св.Наум Охридски‘, каде му биле констатирани тешки телесни повреди, но според пријавеното од болницата, лицето е во стабилна состојба. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“,
велат од МВР за „360 степени“.
Видеа од инцидентот се појавија и на социјалните мрежи.
Чаирчанка, нападнати две бугарски возила pic.twitter.com/bwkoYfXJ7e
— Зеко (@MeZnaesOdSank) July 27, 2023
Покрај тепачката во Чаир, полицијата регистрираше инциденти и на Градскиот стадион за што МВР излезе и со соопштение. Според него, бугарски државјани се однесувале агресивно кон полицијата непосредно пред да почне натпреварот и поради нарушување на јавниот ред и мир деветмина биле приведени.
„На 27.07.2023 од страна на Единицата за брзо распоредување приведени се Г.Б, З.З., В.Д., Г.К., Б.А., В.Ј., И.К., Д.П.Д. и А.В.И., сите бугарски државјани, кои го нарушија јавниот ред и мир со агресивно однесување кон полициски службеници кои вршеа службени дејства на стадионот „Тодор Проески“, непосредно пред почетокот натпреварот“,
велат од МВР.
Бугарските навивачи се наоѓаат во полициска станица и против нив МВР најавува пријави.
Инаку, натпреварот меѓу Шкупи и Левски што е во тек, е во рамки на второто квалификациско коло во Конференциската лига.