За четворицата осомничени се бара повремено да се јавуваат во суд, да им се одземат пасошите и да им се забрани присуство на спортски натпревари
Четири лица инволвирани во инцидентот во Чаир со бугарските навивачи на клубот Левски биле приведени во полициска станица и против нив по брза постапка е поднесена кривична пријава за насилство. Меѓу нив не е лицето кое со нож повреди еден од бугарските државјани. Тоа е идентификувано, но во моментов не е достапно за органите.
„Лицето за кое постои сомнение дека е директно одговорно за нанесување на тешката телесна повреда на бугарскиот државјанин е идентификувано, но сè уште не е лишено од слобода и по него се трага. Обвинителството продолжува да презема дејствија за обезбедување докази со цел целосно расчистување на настанот“,
велат од ОЈО Скопје.
Четворицата инволвирани во настанот, на возраст од 28 до 32 години, биле приведени и добија кривични пријави. Тие ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка бидејќи за нив се бараат неколку мерки на претпазливост – обврска да се јавуваат повремено во Основниот кривичен суд Скопје, привремено одземање на пасошите, како и забрана за посетување спортски натпревари.
До инцидентот дојде откако бугарските навивачи, според информациите од МВР и од обвинителството, пред натпреварот меѓу Шкупи и Левски со две возила – „хонда“ и „фолксваген пасат“ самоволно се издвоиле од рутата обезбедена од полицијата и тргнале кон Чаир.
„Најпрвин влегле во вербална расправија со случајни минувачи и граѓани, а потоа ги запреле возилата и излегле од нив, по што вербалната расправија преминала во физичка пресметка со група граѓани кои излегле од околните објекти“,
велат од ОЈО Скопје.