Основното јавно обвинителство Штип е известено од МВР дека лицето по кое се трагаше во врска со вчерашниот оружен инцидент е уапсено
Полицијата го уапсила напаѓачот кој синоќа во кафуле во центарот на Штип со огнено оружје застрела едно лице кое подоцна во болница им подлегна на повредите.
„Основното јавно обвинителство Штип е известено од МВР дека лицето по кое се трагаше во врска со вчерашниот оружен инцидент е уапсено. Пронајдено е и оружјето. Во текот на денот ќе следи постапка“,
информираа од Обвинителството.
Како што претходно информираа оттаму, напаѓачот и жртвата биле идентификувани и станува збор за странски државјани.
Телото на починатиот, по наредба на јавниот обвинител е дадено за обдукција.
„Од лице место подигнати се чаури и други траги кои ќе бидат предмет на вештачење, а телото на починатиот е дадено за обдукција. Обезбедени се и прегледани снимки од видео надзор. Се преземаат и други дејствија за обезбедување докази, а увидните дејствија на локацијата ќе продолжат и денеска. Јавниот обвинител во текот на ноќта издаваше повеќе насоки и наредби за пронаоѓање на сторителот кој е во бегство“,
соопштија од Јавното обвинителство.
Штипската телевизија Стар на својата Фејсбук страница објави снимка од вооружениот инцидент.