Колин Греј (54) е обвинет за четири случаи на ненамерно убиство, два за убиство од втор степен и осум случаи за суровост кон деца
Уапсен е таткото на 14-годишниот ученик обвинет за убиство на двајца ученици и двајца професори во средно училиште во американската држава Џорџија.
Колин Греј (54) е обвинет за четири случаи на ненамерно убиство, два за убиство од втор степен и осум случаи за суровост кон деца.
Властите го обвинија неговиот син Колт Греј за четири убиства и рекоа дека планираат да го гонат како возрасен. Првото појавување на суд е закажано за петок наутро.
Престрелката се случила во средата во средното училиште „Апалачи“ во градот Виндер, во близина на Атланта, при што загинале двајца професори и двајца ученици, а девет лица се ранети.
Крис Хоси, директор на бирото за истраги во Џорџија, на прес-конференција рече дека обвиненијата против Колин Греј се поврзани со однесувањето на неговиот син и неговиот пристап до огнено оружје. Според полициски извори, се истражува дали таткото го купил оружјето како подарок за својот син во декември 2023 година.
Се заканувал кога имал 13 години?
Во мај 2023 година, ФБИ ја предупредила локалната полиција за закани поврзани со пукање во училиште кои дошле од адреса на е-пошта поврзана со осомничениот Колт Греј. Полицијата разговарала со момчето кое тогаш имало 13 години. Неговиот татко тврдел дека момчето немало пристап до оружје без надзор.
Заканите биле упатени преку „Дискорд“, популарна платформа меѓу играчите на видеоигри и вклучувале фотографии од оружје. Корисничкото име на профилот било на руски и преведено како презиме на напаѓачот од основното училиште „Сенди Хук“, каде што во 2012 година беа убиени 26 лица.
Во полицискиот извештај од минатата година е опишан разговор со момчето и неговиот татко. Заменикот на шерифот го опишал момчето како „резервирано“ и „мирно“, а момчето тврдело дека никогаш не се заканувало дека ќе нападне училиште. Таткото на момчето рекол и дека момчето било жртва на насилство на училиште и дека се бори со разводот на неговите родители.
Ранетите закрепнуваат
Шерифот на округот Бароу, Џад Смит, рече дека сите девет повредени се очекува целосно да закрепнат. Неколкумина веќе се пуштени од болница.
Во нападот загинаа учениците Мејсон Шермерхорн и Кристијан Ангуло, двајцата на возраст од 14 години, и наставниците Ричард Аспинвол (39) и Кристина Иримие (53).
Сведоците рекоа дека осомничениот го напуштил часот по математика во средата наутро, а потоа се вратил обидувајќи се повторно да влезе во училницата. Кога учениците го виделе оружјето, се повлекле, а набрзо се слушнал и рафал од истрели. Полицијата брзо реагирала, а осомничениот веднаш се предал.
Ова не е првпат родителите да одговараат за постапките на нивното дете во случај на масовно пукање. На почетокот на оваа година, родителите на тинејџер од Мичиген кој уби четворица студенти со пиштол што го купил неколку дена пред нападот, беа осудени за ненамерно убиство и осудени на затвор од 10 до 15 години.