Убиството се случило во саботата навечер кога 19-годишниот Лука М. дошол на адресата на Алексиќ за да достави пица што ја нарачал. Осомничениот испукал неколку истрели од огнено оружје кон младиот човек на терасата од неговата куќа

Педесетгодишниот Кристијан Алексиќ е уапсен како осомничен за убиство на 19-годишниот Лука М. што се случило во саботата во хрватскиот град Дрниш, пренесуваат тамошните медиуми.
Алексиќ бил уапсен утринава во близина на неговата семејна куќа до локалната пекарница.
Поради убиството во градот Дрниш денеска не работат училиштата и градинките.
Убиството се случило во саботата навечер кога 19-годишниот Лука М. дошол на адресата на Алексиќ за да достави пица што ја нарачал. Осомничениот испукал неколку истрели од огнено оружје кон младиот човек на терасата од неговата куќа. Според неофицијалните информации, убиениот млад човек ја презел доставата таа вечер наместо неговиот колега, кој се плашел да оди на адресата на Алексиќ.
Соседите рекле дека го виделе Алексиќ како бега по пукањето. Една сосетка рекла дека видела камион за достава со отворени врати на улицата, а потоа и осомничениот да трча. Нејзиниот сопруг го повикал да застане, но тој избегал.
Инаку, како што пишуваат хрватските медиуми, Кристијан Алексиќ (50) претходно им бил познат на полицијата и судството. На почетокот на 2000 година, тој бил осуден за тешко убиство на 24-годишно девојче. Во април 2023 година, по претресот на неговиот стан, полицијата конфискувала импровизирано огнено оружје и муниција, а против него било поднесено обвинение, но судењето сè уште не е започнато. Мештаните тврдат дека кај него е пронајден и список со 12 имиња на жени што наводно планирал да ги убие.
Соседите велат дека Алексиќ избегал вооружен со автоматска пушка, носејќи ранец полн со храна, што укажува дека се подготвувал да избега. Некои граѓани рекле дека го виделе како купува големи количини конзервирана храна неколку дена пред убиството. Исто така, познато е дека редовно тренирал и дека многу добро го познавал околниот терен.
Градоначалникот на Дрниш ги повика граѓаните на максимална претпазливост. Поради убиството, за утре во Задар е најавен тивок протест наречен „19 минути молчење за Лука“.
