Откако Твитер ја прифати понудата за купување од 44 милијарди долари во април, Маск во мај објави дека договорот е „на чекање“, изразувајќи сомнеж во податоците што ги доби од компанијата дека ботовиве сочинуваат помалку од 5 отсто од вкупната база на корисници
Твитер се подготвува да и овозможи на Илон Маск пристап до мрежните податоци поради неговата загриженост за бот-профили.
Твитер планира да му даде пристап на Маск до таканареченото „API firehose“, што е збир на сите податоци што ги има компанијата.
Целта на ваквиот чекор е да го прекине конфликтот со милијардерот, кој се закани дека ќе се повлече од купопродажниот договор вреден 44 милијарди американски долари доколку компанијата не му обезбеди пристап до податоците потребни за да се процени бројот на лажни и бот-профили.
„API firehose“ на Твитер практично покажува што би видел корисникот доколку го следи секој профил што постои на интернет. Овој API е еден од најважните ресурси на компанијата, делумно затоа што овозможува прецизно таргетирање на рекламите, а делумно и поради полесно следење на платформата.
Некои компании како Гугл веќе имаа пристап до ова API.
Маск би можел да добие пристап до API уште оваа недела, според пишувањето на „Вашингтон пост“. Во моментов, околу дваесет компании плаќаат за пристап до ова API, кое се состои не само од евиденција на сите твитови некогаш објавени, туку и информации за уредот и профилот од кој се твитани.
Откако Твитер ја прифати понудата за купување од 44 милијарди долари во април, Маск во мај објави дека договорот е „на чекање“, изразувајќи сомнеж во податоците што ги доби од компанијата дека ботовиве сочинуваат помалку од 5 отсто од вкупната база на корисници.
Тогаш тој најави дека ќе ја намали вредноста на договорот, бидејќи според него ситуацијата на мрежата е многу полоша отколку што изгледа.
Во своето писмо, извршниот директор на „Тесла“ го обвини Твитер за прекршување на априлскиот договор и предупреди дека го задржува правото да го откаже купопродажниот договор.
„Твитер отворено одбива да ги исполни обврските од договорот за спојување, што предизвикува сомнеж дека компанијата ги крие бараните информации“,
се вели во писмото.
Адвокатите на Маск изјавија дека тој има право на бараните податоци и дека тоа ќе го олесни преносот на сопственоста и трансакцијата.
Портпаролот на Твитер одговори дека мрежата „ќе продолжи кооперативно да споделува информации со Маск во согласност со условите на купопродажниот договор“ и додаде дека тоа е „во најдобар интерес на сите акционери“.
Сепак, иако податоците добиени со користење на „firehouse API“ може да бидат исклучително вредни за студија за активностите на ботовите, огромниот обем на податоци ги прави недостапни, а спроведувањето на сеопфатна студија за активност на бот би барало значително време и ресурси.
Твитер се уште е убеден дека договорот ќе биде финализиран. На интерен состанок што го објави Блумберг, извршниот директор на Твитер ги уверил вработените дека работата се одвива според планот и дека гласањето на акционерите е планирано за крајот на јули или почетокот на август.