Централната влада и општината Болу меѓусебно се обвинуваат за пожарот, со оглед на фактот дека градот е под контрола на опозициската Републиканска народна партија (ЦХП)
Турските власти приведоа 19 лица во врска со минатонеделниот пожар во хотел во ски-центар во северниот град Болу, објави денеска државната новинска агенција Анадолија. Уапсени се сопственикот на хотелот „Гранд Картал“, директорот, локалниот пожарникар и заменик-градоначалникот на Болу. Налог за апсење е издаден и за вработен во фирмата за инспекција, стои во пријавата.
Пожарот, кој избувна рано утрото на 21 јануари, однесе 78 животи. Многумина од гостите, чијшто број изнесувал повеќе од 230, се обиделе да избегаат од хотелот скокајќи од прозорците или спуштајќи се по чаршафи. Инцидентот предизвика широки критики во Турција и обвинувања дека не се почитуваат мерките за спречување пожари.
Централната влада и општината Болу меѓусебно се обвинуваат за пожарот, со оглед на фактот дека градот е под контрола на опозициската Републиканска народна партија (ЦХП). Мерките за безбедност на градежништвото често не се почитуваат во Турција. Во петокот вечерта, зграда во централниот град Коња ненадејно се урна, при што загинаа две лица.
3-story building collapses in Türkiye’s central #Konya provincehttps://t.co/mODCPYsso1#Turkey #incident #collapse pic.twitter.com/iW1waOHQOM
— Kazinform (@kazinform_eng) January 25, 2025
Минатата година 29 лица загинаа во пожар во ноќен клуб во Истанбул. Во силните земјотреси на југот на земјата во 2023 година загинаа повеќе од 50 000 луѓе, делумно поради неправилна градба.