Во мај 2020 година, во кругот на КПД Идризово, беше „отворена“ најголемата судница во земјава. ЕУ ги даде парите за изградба, а земјава требаше само да ја опреми со мебел. Две и пол години подоцна, се уште се чека судницата да биде опремена
Министерот за правда, кој дојде на функцијата во јануари годинава, веќе еднаш „даде збор“дека судницата ќе биде оперативна до летните одмори. По пробивањето на тој рок, сега вели дека се ќе биде готово до крајот на месецов
Крајот на ноември е новиот рок до кога министерот за правда Никола Тупанчески ветува дека вистински ќе се отвори најголемата судница во земјава, објект изграден со 1,3 милиони евра од ЕУ и веќе еднаш „отворен“ пред две и пол години.
Првиот човек на правда го даде новиот рок при гостувањето во емисијата „360 степени“, откако претходно доби прашања – до каде е судницата, особено што во февруари годинава јавно вети дека објектот ќе проработи пред летните одмори.

„Точно. Не сакам да излезе дека не стојам зад она што сум го кажал. Јас кога ќе ги изговорам зборовите свесен сум за нивната тежина и навистина сите мои проекции и информации говореа дека за кратко време, таа судница би требало да биде пуштена во погон, односно да биде функционална. Меѓутоа дефинитивно…
– Дали тоа беше, можеби, ајде сега ќе употребам еден термин, наивност на нов министер седнат во фотелјата во правда, но несвесен за инертноста на процедурите на администрацијата?
„Можеби дел или сегмент беше наивност. Мене практично таа информација ми беше сублимат на она што претходно ми беше мене презентирано. Дефинитивно, на неколку наврати, веднаш после тоа јас сакав самиот да се убедам каква е состојбата и до каде се работите во однос на она што сум го дал како ветување, дека пред одморите, тоа значи беше јуни/јули 2022 година, дека ќе биде отворена таа судница. Дефинитвно се покажаа неколку недоследности во однос на заокружување на проектот, затоа што знаете што градежните работи се еден контекст. Покрај градежните работи мебелот е вториот контекст, во кој учествуваше државата. Меѓутоа се покажаа уште некои други работи коишто треба да бидат реализирани за да се заокружи проектот. На пример, еве, една банална работа, од главниот пат во Идризово има 85 метри до судницата. Треба да се направи патот. Да се направи патот, тоа е поврзано со некакво одобрение, од општината под која припаѓа. Тоа се тие бирократски би ги нарекол пречки коишто не ни даваат да ги испочитуваме роковите. Не е само тоа, треба да поврзе со АКМИС системот итн. Не сакам пуштањето на судницата да биде само декларативно“,
изјави министерот за правда Никола Тупанчески.
Градежните работи на судницата, која се наоѓа во комплексот на КПД Идризово, завршија уште во 2020 година. На 17 мај таа година, тогашната министерка за правда, Рената Тренеска-Дескоска, ја „отвори“ судницата. Но, чинот беше само за пред камери бидејќи за објектот се уште не беше купен мебел – единствената поголема обврска за македонската страна. И така, од мај 2020, земјава купуваше мебел кој патем вреди 50-ина илјади евра.
Тупанчески уверува дека во моментов се привршува опремувањето и на судницата и на канцелариите.
„Внатре се поставени и инсталирани компјутерите, микрофоните, друга опрема и така натаму. Моите последни информации, еве утре или задутре ќе имам уште еден состанок, се надевам дека ќе биде последен состанок, да не мислите дека повторно нема да го исполнам сопственото ветување дека завршна фаза е во однос на пуштањето на овој објект кој навистина ќе значи сериозно поместување на нештата во однос на условите за одржувањето…
– Ќе биде до Нова година?
„Ајде сега вака, да не ветувам па и овојпат да излезе дека не го исполнувам ветувањето, јас ќе се обидам, Вие да бидете поканети исто како гости. Денеска сме 11 ноември, ајде да речам до крајот на ноември. Може?“,
изјави Никола Тупанчески
Целта на изградбата на судницата во Идризово е да се заштедат пари на спроводи за судења, да се зголеми безедноста при транспорт на затвореници но и да се намали притисокот во градските подрачја бидејќи при големи судења често се затвораат и цели улици. За концептот целосно да профункционира потребно е да се изгради и најавеното притворско одделение во кругот на затворот Идризово.
Тупанечески вели дека се работи на тој проект, но дека фокусот сега е конечно да се отвори судницата. Кога се ќе биде оперативно, вели министерот, ќе се заштедува и до два милиони евра годишно само на трошоците за спроводи и ангажирање на полиција.