Како новина во системот, Али ја издвои функцијата „Silent Call“. Оваа опција е специјално наменета за жртвите на семејно насилство, како и за сите граѓани што ќе се најдат во непосредна опасност, што ќе им овозможи да побараат итна помош целосно тивко, дискретно и безбедно

Наскоро граѓаните ќе ја имаат на располагање новата мобилна апликација „Where Are You“, која ќе го олесни пријавувањето на итни случаи до Единствениот повикувачки број 112. Ова денеска го најави директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Мухамет Али, кој учествува на регионалната конференција посветена на системите 112 и модерните технологии за управување со кризни ситуации, а која се одржува во Тиват, Црна Гора.
Според Али, новата апликација ќе овозможи побрза и поефикасна реакција на спасувачките и безбедносните служби. Граѓаните преку своите телефони ќе можат да вршат прецизно испраќање на точната локација од местото на настанот, брзо испраќање фотографии и видеоматеријали од настанот и да остварат директна видеокомуникација со Оперативниот центар на ЦУК.
Како новина во системот, Али ја издвои функцијата „Silent Call“. Оваа опција е специјално наменета за жртвите на семејно насилство, како и за сите граѓани што ќе се најдат во непосредна опасност, што ќе им овозможи да побараат итна помош целосно тивко, дискретно и безбедно.
„Со воведувањето на овие нови функционалности продолжуваме да го модернизираме системот 112 обезбедувајќи поголема сигурност за граѓаните, попрецизно пренесување на информациите и поефикасна реакција на надлежните служби во итни ситуации“,
вели директорот на ЦУК.
