Полициската управа во Подгорица утрово соопшти дека сите улици во главниот град на Црна Гора се одблокирани и сообраќајот се одвива непречено откако вчера беа затворени поради синоќешните поголеми собири на граѓани, изјави портпаролката Марија Жугиќ, пренесува весникот „Вијести“.
Жугиќ изјави дека за време на денот на изборите биле евидентирани 22 инциденти и оти полицијата поднела една кривична пријава и две прекршочни пријави.
Црногорската полиција од синоќа го блокираше кругот околу најважните државни институции – владата, парламентот, претседателството.
Во Црна Гора вчера се одржаа парламентарни избори, единаесетти по воведувањето на повеќепартискиот систем во земјата и петти по прогласувањето независност.
Државната изборна комисија на Црна Гора (ДИК) утрово објави прелиминарни резултати врз основа на 98,55 од обработениот примерок, според кои Демократската партија на социјалистите освои 35,12, а коалицијата „За иднината на Црна Гора“ 32,52 проценти од гласовите.
Коалицијата „Мирот е наша нација“ освои 12,55 проценти, „Црно на бело“ 5,57, Социјалдемократите 4,09, Бошњачката партија 3,81, СДП – Силна Црна Гора 3,14, Албанската листа 1,61 и Албанската коалиција Едногласно 1,16 проценти.
Хрватската граѓанска иницијатива освоила 0,27 проценти, а Хрватската реформска партија 0,13 проценти од гласовите и според овие резултати на ДИК, тие не го поминаа цензусот.
Гласале 76,68 проценти од регистрираните избирачи, од кои 403 642 се важечки гласачки ливчиња.
Парламентарните избори ги следеа 2 089 набљудувачи, од кои 265 странски.