„Режимот падна“, порача лидерот на опозициската „За иднина на Црна Гора“, Здравко Кривокапиќ
Опозицијата во Црна Гора излезе на улиците да прослави победа на денешните парламентарни избори во земјата, на кои имаше рекордна излезеност од над 75 проценти.
Тесната разлика во бројот на освоени мандати, според првичните резултати и проекции, сепак, навестува дека ДПС, која е на власт три децении, овој пат нема да може да формира Влада.
Од близу 90 проценти од обработените гласови, опозициските партии веќе имаат 42 мандати, додека партијата на Мило Ѓукановиќ ДПС, заедно со коалициските партнери, може да има 40 мандати. За формирање на Влада се потребни најмалку 41 мандат во парламентот.
Според Центарот за мониторинг и истражување (ЦЕМИ), од 89% обработени гласачки ливчиња, ДПС – „Решително за Црна Гора на Мило Ѓукановиќ“ има 34,8% од гласовите, коалицијата „За иднината на Црна Гора“ 32,7, а коалицијата „Мирот е нашата нација“ 12,5%. Според таа проекција, ДПС на Ѓукановиќ добива 29 мандати, коалицијата „За иднината на Црна Гора“ 28, „Мирот е наша нација“ – 10, „Црно на бело“ – 4. По три мандати добиваат Социјалдемократите и партијата на Бошњаците, два СДП и по еден Албанска листа и АК Едногласно.
Лидерот на опозициската „За иднина на Црна Гора“, Здравко Кривокапиќ порача дека по три децении апсолутна власт на ДПС се случи слобода.
„Режимот падна“, порача Кривокапиќ.
Од ДПС на Ѓукановиќ брзо реагираа дека опозицијата секогаш брза да каже дека победила, наместо да ги почека изборните резултати.