Заедно со парламентарните избори, единаесетти од воведувањето на повеќепартиски систем во земјата и петти по осамостојувањето од Државната заедница на Србија и Црна Гора, се одржуваат и локални избори во неколку општини – Котор, Будва, Тиват, Андријевица и Гусиње
Во Црна Гора денеска ќе се одржат парламентарни избори, на кои учествуваат шест коалиции и шест политички партии.
Според избирачкиот список што го објави Државната изборна комисија, во Црна Гора право на глас имаат 540.026 граѓани кои ќе изберат 81 член на парламентот во Подгорица.
Заедно со парламентарните избори, единаесетти од воведувањето на повеќепартиски систем во земјата и петти по осамостојувањето од Државната заедница на Србија и Црна Гора, се одржуваат и локални избори во неколку општини – Котор, Будва, Тиват, Андријевица и Гусиње.
Изборите ќе се одржат во согласност со препораките на Националното координативно тело за инфективни болести, поради епидемијата на коронавирусот.
Владејачката Демократска партија на социјалистите (ДПС) учествува во коалиција со Либералната партија, а листата наречена „Одлучно за Црна Гора! ДПС – Мило Ѓукановиќ“ ја предводи заменик-претседателот на партијата, Душко Марковиќ. Водечките опозициски партии се поделени во два табори.
И власта и опозицијата ги прогласија овие избори за историски: власта затоа што повторно и по кој знае кој пат мора да се одбрани државата од големосрпскиот национализам, а опозицијата затоа што е уверена во смена на власта како никогаш досега, анализира Дојче Веле.
Но, наместо расчистување на повеќегодишната политичка криза, пореално е да се очекува дека изборите ќе донесат уште поголема поларизација во општеството. Тоа е прогнозата на политичката аналитичарка Далиборка Улјаревиќ.
„За жал, ниту се ова историски избори, ниту тие ќе и стават крај на трајната политичка криза и ќе придонесат кон потребниот општествен консензус околу клучните правци на развој на Црна Гора. Премногу историја, а премалку рационален пристап, не одржуваат во маѓепсан круг на минатото и неспособноста да се носиме со предизвиците кои сега се зголемени поради пандемијата на коронавирусот“,
вели Улјаревиќ за ДВ.