Новиот премиер кажа и дека е горд што за првпат ќе соработуваат партии кои досега директно не соработувале и рече дека е уверен оти Црна Гора може да има забрзан пристап во евроинтеграциите и наскоро да стане полноправна членка на ЕУ
Откако на крајот на јануари, црногорскиот парламент изгласа недоверба на владата, денеска пратениците со мнозинство гласови избраа нова влада предводена од Дритан Абазовиќ, кој во претходната беше вицепремиер.
Станува збор за малцинска влада, што е прва ваква влада во историјата на Црна Гора.
Во новата Влада се Обединетата реформска акција (УРА) на Абазовиќ, како и претставници на помалите партии што ги претставуваат Хрватите и Бошњаците, Социјалдемократската партија и просрпската Социјалистичка народна партија. За да биде изгласана, новата влада доби поддршка и од опозициската Демократската партија на социјалистите предводена од претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ. Оваа партија само даде поддршка односно нема свои претставници во новата влада.
Во обраќањето во црногорскиот парламент, новиот премиер рече дека владата ќе се заснова на главни столба – владеење на правото и економски развој. Како приоритетни тој наброја пет области: борба против корупцијата, поодржливи инвестиции, интеграција во ЕУ, одржлив развој и заштита на животната средина како и афирмација на децата и младите.
„Сите членови на владата се должни да се занимаваат со иднината на Црна Гора, а не со нејзиното натамошно заробување во минатото“,
рече Абазовиќ.
Тој кажа и дека е горд што за првпат ќе соработуваат партии кои досега директно не соработувале и рече дека е уверен оти Црна Гора може да има забрзан пристап на евроинтеграциите и наскоро да стане полноправна членка на ЕУ.
Во владата на Абазовиќ има четворица вицепремиери и вкупно 18 министерства.
Во претходната, пак, Абазовиќ беше единствен потпретседател на владата, додека премиер беше неговиот доскорешен коалициски партнер Здравко Кривокапиќ. Меѓутоа, по судирот на коалициските партнери, на владата ѝ беше изгласана недоверба.