ВМРО-ДПМНЕ е главен партнер на идната влада која ќе ги донесе промените кои ѝ се неопходни на Македонија, а потоа ќе следи одговорност за сите кои во различни сфери и области направиле голема штета на Македонија, нагласија од најголемата опозициска партија
Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вечерва одржал седница на која се дискутирало за актуелната политичка и економска состојба. Како што информираа од партијата, на седницата бил потврден ставот за неприфаќање на уставни измени под бугарски диктат.
„Се реафирмираа ставовите кои беа изнесени во јавноста минатите денови, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ го осуети планот на власта, на оската ДУИ-СДС и поранешни функционери на опозицијата кои одлучиле да се стават на нивно располагање преку валкани дилови за причини само ним познати, а кои директно ќе одат на штета на македонскиот народ. Дополнително, се потврди силната кохезија која ја има пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата од почеток до крај, а во однос на неприфаќање на уставни измени под бугарски диктат“,
се наведува во соопштението на партијата.
Оттаму додаваат паднала во вода тезата која власта ја пласирала години наназад оти партијата за раководат други лица.
„ВМРО-ДПМНЕ е главен партнер на идната влада која ќе ги донесе промените кои ѝ се неопходни на Македонија, а потоа ќе следи одговорност за сите кои во различни сфери и области направиле голема штета на Македонија“,
нагласуваат од ВМРО-ДПМНЕ.