Поранешниот грчки премиер порача дека ако се одложи проширувањето тоа ќе има сериозни последици за стабилноста во регионот, а пораката од ЕУ, како што рече, ќе биде јасна – дека Унијата не ги наградува лидерите што постигнуваат компромиси
Европската Унија не може да биде силен геополитички фактор на меѓународно ниво доколку не е кредибилен фактор во нејзиното соседство, изјави лидерот на СИРИЗА и поранешен премиер на Грција, Алексис Ципрас, во својот говор за проширувањето на Унијата на настан во францускиот Сенат, каде што побара да се отвори европскиот пат за Северна Македонија и за Албанија, јави дописничката на МИА од Атина.
„Како можеме да поддржиме политичка стабилност и економски развој во Ирак или Авганистан или во Мали, па дури и во Украина, ако не можеме да ги исполниме нашите обврски за поддршка на европските земји кандидати за членство? Како може ЕУ на кредибилен начин да ги поддржи изгледите за решавање на меѓународните спорови, кога не може да поддржи една европска земја како Република Северна Македонија, која придонесе во решавањето на долгогодишно европско прашање?“,
праша Ципрас.
Поранешниот грчки премиер истакна дека по четири години стагнација, во 2018 година, со потпишувањето на Договорот од Преспа, се даде нов импулс во европската перспектива на Западен Балкан. Посочи дека ако се даде „зелено светло“ за почеток на преговори тоа ќе биде и порака до Албанија за, како што рече, да направи уште повеќе чекори во владеењето на правото и за правата на грчкото малцинство, а истовремено ќе биде порака и до лидерите на Белград и Приштина да го решат косовското прашање, како и до босанското раководство за стабилност.
„Зоран Заев како премиер беше мошне храбар да најде компромис со мене за името, а истото го стори истото и со Бугарија, иако ја знаеше тешката политичка цена. Причината, зошто ние и нашите министри за надворешни работи, Никос Коѕијас и Никола Димитров, успеавме да стигнеме до овој договор беше затоа што го базиравме со заемно почитување и заемно прифатливи решенија. Ние не ги префрливме проблемите за далечната иднина, не ја фрливме топка на следниот. Не се обидовме меѓусебно да се измамиме или да играме политички трикови. Не игравме на лесната карта – националистичкиот популизам што другите политички сили го користеа и го користат во нашите земји. Ние го почитувавме меѓународното право“,
рече Ципрас.
Според Ципрас, ако се одложи проширувањето, ќе има сериозни последици за стабилноста во регионот, а пораката од ЕУ, како што рече, ќе биде јасна, дека Унијата не ги наградува лидерите што постигнуваат компромиси.