Од Центарот за граѓански комуникации укажуваат дека во склучениот договор на МНР со компанијата „Авиалог“ било предвидено авансно плаќање на услугите, што, како што се посочува, е спротивно на условите во тендерската документација. Се додава дека тоа е спротивно и на Законот за јавни набавки, кој предвидува дека максималниот износ на авансот може да изнесува до 20 отсто од вредноста на договорот
Летовите за евакуација на граѓаните од Блискиот Исток во вредност од еден милион евра биле плаќани однапред, над законскиот лимит – објави денеска Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) во истражување кое ги следи јавните набавки на институциите. Во истражувањето ЦГК нотира низа неправилности во постапката што Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ја спроведе во март годинава за евакуација на македонски државјани од Дубаи и Ријад – подрачја погодени од конфликтот меѓу САД и Иран.

За евакуациските летови се спроведени еден неуспешен и еден успешен тендер. Во првата постапка, отпочната на 4 март годинава, биле побарани понуди од девет фирми за кои, како што се наведува во анализата на ЦГК, не постојат јасни критериуми врз основа на кои МНР ги избрало со оглед на тоа што ниедна од нив немала тековен договор за обезбедување авионски услуги со некоја државна институција.
„Освен тоа, не е јасно зошто во листата на фирми од кои биле побарани понуди не се нашле најрелевантните оператори за кризното подрачје – ‘ФлајДубаи’ и ‘ФлајНас’“,
се додава во истражувањето на ЦГК.
МНР ги контактирало Аеронаутичкиот регионален центар Скопје, „Туркиш ерлајнс“, „Кроација ерлајнс“, „Визер“, ДПТУ „Нова Травел-МС“ ДОО Струмица, „Аурора турс“ Скопје, „Пегасус ерлајнс“, ТА „Кондор“ Скопје и ТА „Папилон“ Скопје. Во дадениот краток рок, ниедна од компаниите не доставила понуда до Министерството.
МНР ја поништило постапката и истиот ден, на 5 март, започнало нова. Во втората постапка, барањето да достави понуда било испратено само до една фирма – „Авиалог“ Скопје. Како доказ за поврзаноста на „Авиалог“ и ‘ФлајДубаи’, како што додаваат од ЦГК, од страна на МНР е доставена картичка за ангажман во ‘ФлајДубаи’ која му припаѓа на основачот на ‘Авиалог’, но која не докажува деловна или правна поврзаност меѓу двете компании.
„Фирмата доставува понуда следниот ден, на 6 март во 14 часот, по што во истиот ден следувале преговори, склучување договор, издавање фактура со датуми за првите 2 лета и плаќање на фактурата од страна на МНР. Понудата на ‘Авиалог’ го нуди тоа што го бара МНР речиси идеално вклопувајќи се во проценетата вредност од 60 милиони денари (975 610 евра). Понудата на ‘Авиалог’ е пониска за само 200 000 денари (3 250 евра). Цената на превозот по авион изнесувала 211 000 евра по лет за изнајмениот авион од ‘ФлајДубаи’, модел Boeing 738-MAX, и 260 000 евра за авионот на ‘ФлајНас’ со модел Airbus 320, со вклучено ноќевање и автобуски превоз“,
се наведува во анализата на Центарот за граѓански комуникации.
Се додава дека провизијата која ја добила фирмата не е јавно достапна, бидејќи МНР отстапило од вообичаениот концепт на договори за јавна набавка на авионски карти и изнајмување авион.
Од ЦГК укажуваат и дека во склучениот договор на МНР со „Авиалог“ било предвидено авансно плаќање на услугите, што, како што се посочува, е спротивно на условите во тендерската документација. Се додава дека тоа е спротивно и на Законот за јавни набавки, кој предвидува дека максималниот износ на авансот може да изнесува до 20 отсто од вредноста на договорот.
„Ваквото постапување лесно може да се оцени како непропорционално и спротивно на начелото на заштита на јавните средства, затоа што договорниот орган, во случајот МНР, го презема целиот ризик однапред, без инструмент за поврат ако договорот не се исполни. Итноста не е доволна сама по себе да оправда 100 отсто аванс
се додава во анализата.
без обезбедување. Итноста може да влијае врз изборот на постапката, но не треба да ја елиминира финансиската сигурност. Со плаќањето на целата цена пред исполнување на услугата, договорниот орган практично останува без реална заштита ако економскиот оператор доцни, испорача делумно или не испорача воопшто“,
