Откако на локалните избори одржани на 17 октомври минатата година, немаше цензус од 33 отсто, во Центар Жупа денеска повторно се одржуваат локалните избори за градоначалник.
„Од 7 часот отворени се сите 16 гласачки места и изброниот тек се одвива нормално. Се надеваме дека така ќе мине целиот изборен ден. Во единствениот избирачки список запишани се 7 077 лица со право на глас, што е за 240 гласачи помалку споредено со локалните избори од 17 октомври минатата година“,
рече Неџип Илјаз, претседател на Општинската изборна комисија.
На трка за градоначалник на оваа општина се двајца кандидати и тоа Арјан Ибраим од Турската Демократска партија и Шаин Шакир од Движењето за национално единство на Турците.
Центар Жупа е печалбарска општина, каде, според неофицијални информации, над 70 отсто од населението се печалбари и тоа е причинината зошто на ланските избори не се обезбеди потребниот цензус. Тогаш излезноста беше 25, 77 отсто.
На октомвриските локални избори минатата година проблем со постигнување на цензус за градоначалник имаше и во општина Маврово и Ростуше. Но, таму локалните избори се откажани бидејки во утврдениот рок се јави само еден кандидат, Медат Куртовски од СДСМ кој потоа ја откажа кандидатурата.