Според излезните анкети, на денешните избори АфД освои околу 44,5 отсто од гласовите, далеку пред конзервативната Демохристијанска унија (ЦДУ), која доби 18,5 отсто

Затворени се избирачките места во германската покраина Саксонија-Анхалт. Алтернатива за Германија (АфД) е на пат кон убедлива победа, но сè уште е неизвесно дали оваа крајно десничарска партија ќе го освои досега незабележаното мнозинство потребно за самостојно формирање власт.
Според излезните анкети, на денешните избори АФД освои околу 44,5 отсто од гласовите, далеку пред конзервативната Демохристијанска унија (ЦДУ), која доби 18,5 отсто.
АфД досега не учествуваше во ниту една владејачка коалиција во 16-те германски сојузни покраини ниту во сојузната влада бидејќи сите други етаблирани партии одбиваат соработка со нив, држејќи се до политиката позната како „заштитен ѕид“.
Предводена од харизматичниот водечки кандидат Улрих Зигмунд, АфД се надева дека во Саксонија-Анхалт ќе го заобиколи тој „заштитен ѕид“ со освојување апсолутно мнозинство мандати во покраинскиот парламент во главниот град Магдебург.
Со тоа би станала првата крајно десничарска партија која самостојно би владеела со една германска сојузна покраина по Втората светска војна.
Излезните анкети покажуваат дека трите левичарски партии – Левица, Зелените и Социјалдемократската партија на Германија (СПД) без поголеми потешкотии го минаа изборниот праг од пет отсто потребен за влез во парламентот. Првите проекции врз основа на делумно преброените гласови се очекуваат наскоро.
Популистичкиот Сојуз Сахра Вагенкнехт (БСВ) би можел да се најде во клучна улога, имајќи предвид дека според излезните анкети се движи околу изборниот праг од пет отсто.
