Конфликтот меѓу пазарџиите и Општина Центар започна во средината на јануари, кога пазарџиите излегоа на протест и го блокираа булеварот „Св. Кирил и Методиј“ во знак на протест поради поскапување на паркингот во околината на пазарот од 40 на 70 денари за час
Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ и директорот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ), Васко Кичевски, денеска имаа средба со директорот на „Скопски пазар“ АД Скопје, Младен Дамев и со претставници на пазарџиите од Зелен пазар со цел да се надминат проблемите на паркиралиштето „Аутомакедонија“, за кое е постигнат договор за решавање на проблемот.
– ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, во март ќе го уреди дивиот паркинг зад Зелен пазар, кој моментално е во хаотична состојба и не е функционален ниту за жителите ниту за корисниците на услугите на Скопски пазар. На ова неуредено паркиралиште ЈП ПОЦ ќе постави нов систем за контрола на влезно-излезни рампи, односно едниот дел ќе биде наменет за товарните возила на пазарџиите, а останатиот дел ќе биде резидентен паркинг за жителите од ул. „11 Октомври“ и бул. „Кочо Рацин“. Со отворање на ова паркиралиште, паркиралиштето „Аутомакедонија“ целосно ќе се ослободи од товарните возила и ќе им овозможи на жителите брз и лесен пристап до нивните домови – се наведува во соопштението од Општина Центар.
Од Општина Центар велат дека во координација со пазарна инспекција ќе ја преземат одговорноста за дивите пазарџии на паркиралиштето кај „Аутомакедонија“.
Конфликтот меѓу пазарџиите и Општина Центар започна во средината на јануари кога пазарџиите излегоа на протест и го блокираа булеварот „Св. Кирил и Методиј“ во знак на протест поради поскапување на паркингот во околината на пазарот од 40 на 70 денари за час.
Од Општината велеа дека решението на проблемот треба да се бара во Скопски пазар кој треба да обезбеди дел од својата парцела која ќе биде наменета за потребите на своите закупци на тезги.