Конфликтот меѓу пазарџиите на „Зелен пазар“ и општината Центар, по поскапувањето на цената за паркингот, вечерва стигна на работ на конфронтација меѓу двете страни. Околу педесетина пазарџии со свирежи го дочекаа првиот човек на општината Саша Богдановиќ околу 17 часот, затоа што претходно цел час го чекаа во просториите на оваа локална самоуправа.
На крај сепак, Богдановиќ ги убеди насобраните да влезат во просториите на локалната власт. За поголемиот дел од пазаџиите, тоа беше второ влегување во општината денеска, бидејќи веќе еднаш дојдоа во 16 часот, за кога беше закажан состанокот со градоначалникот.
Средбата меѓу Богдановиќ со пазарџиите е со цел да се надминат разликите меѓу двете страни кои настанаа откако општината го поскапе паркингот во околината на пазарот од 40 на 70 денари за час. Двете страни ги разменија своите аргументи и на крај се донесе заклучок сите забелешки пазарџиите на писмено да ги испратат до општината, за да може истите да се разгледуваат на седницата на Советот на општината.
Пазарџии стравуваат дека никој нема да влезе на пазарот за на пример да купи јаболки од 30 денари, ако треба да плати 70 денари за еден час паркинг. Нудат повеќе предлози за решавање на спорот- поскапувањето да биде помало, првиот час да не се наплаќа и друго.
Ставот на општината пак е дека поскапувањето на паркингот се однесува на целата територија на општината. Во конкретниот случај, ги обвинуваат дел од пазарџиите дека го злоупотребуваат досегашниот систем на наплата.
„Пазарџиите кои редовно секоја година добиваа повластена паркинг-карта за вработени во деловен субјект и картичка за влез за нивните автомобили, тие истите ги користеа за тешки товарни возила за кои ПОЦ, согласно одлуката на Општина Центар каде што е дозволено товарните возила да вршат дотур на стока до 7 часот, веќе им овозможи бесплатен дотур на стока од 5 до 7 часот на ова паркиралиште. Затоа, ЈП ‘Паркинзи на Општина Центар’ ќе ги раскине договорите за паркинг на сите оние што ќе вршат ваков вид злоупотреба“,
реагираа од Паркинзи на општина Центар минатата недела.
Од општината досега велеа дека решението на проблемот треба да се бара во „Скопски пазар“ кој треба да обезбеди дел од својата парцела која ќе биде наменета за потребите на своите закупци на тезги.
Поради конфликтот на релација пазарџии-општина, минатата недела имаше двочасовни блокади на булеварот „Св. Кирил и Методиј“. Станува збор за една од најпрометните сообраќајници во центарот на Скопје.