„Брент“ веќе падна од 126 долари за барел на крајот на април на 72 долари денеска

Надежите за мир на Блискиот Исток ја намалуваат цената на нафтата во последните недели, а може да има и понатамошни падови, пишува „Гардијан“.
Според аналитичарите во „Ситигруп“, нафтата „брент“ може да падне на 60 долари за барел до крајот на годината, ниво кое последен пат беше забележано во јануари. „Брент“ веќе падна од 126 долари за барел на крајот на април на 72 долари денеска.
Барелот на пазарот во Лондон вчера попладне се тргувал за 78 центи пониско од вчерашната цена на затворање од 70,79 долари. На американскиот пазар е поевтин за 90 центи и чини 67,68 долари.
„Сауди арамко“ минатиот петок го продолжи товарењето на терминалот Рас Танура во Персискиот Залив, додека САД и Иран поставија рамка за преговори за завршување на војната.
Најмалку пет супертанкери со 10 милиони барели нафта што му припаѓаат на саудискиот нафтен гигант „Сауди арамко“ испловија од пристаништето Рас Танура и го преминаа Ормускиот Теснец кон Оманскиот Залив, потсетуваат британските медиуми повикувајќи се на неименувани извори и поморски податоци.
Податоците покажуваат дека уште четири супертанкери од класата VLCC се во близина на Рас Танура, при што три чекаат товарење, а четвртиот веќе е натоварен до полн капацитет.
Соединетите Американски Држави на 23 јуни привремено ги укинаа санкциите за извоз на иранска нафта по првата рунда разговори за прекин на конфликтот. Министерството за финансии на САД издаде 60-дневно ослободување од санкции, отворајќи го патот за производство, испорака и продажба на иранска нафта во САД.
Дозволата издадена од Вашингтон важи до 21 август и опфаќа испорака на сурова нафта, петрохемиски производи или нафтени производи од иранско потекло, а дозволува и увоз на иранска нафта во САД.
