Вашингтон е на став дека постигнувањето договор за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас би можел да го одврати Иран од одмазднички напад на Израел по убиството на политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханије
Целта на Соединетите Американски Држави (САД) е да ја „намалат температурата“ на Блискиот Исток, изјави амбасадорката на земјата во Обединетите нации (ОН), додека во меѓувреме растат стравувањата од можен ирански одмазднички напад на Израел, пренесува Би-би-си.
Амбасадорката Линда Томас-Гринфилд вчера во Советот за безбедност на ОН рече дека САД сакаат да избегнат регионален конфликт и одвраќање и одбрана од секој можен иден напад.
Напорите во оваа насока доаѓаат по најавите од Иран дека ќе се одмазди на Израел по убиството на политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханије, во јули во Техеран, за кое и покрај наводите дека стои зад ликвидацијата, Тел Авив досега не презеде никаква одговорност.
Американскиот претседател Џо Бајден смета дека постигнувањето договор за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас во Газа може да помогне во одвраќање на Иран од евентуален напад врз Израел.
„Тоа е моето очекување, но ќе видиме. Ќе видиме што ќе направи Иран и ќе видиме што ќе се случи ако има каков било напад, но јас не се откажувам“,
изјави вчера Бајден на излегување од претседателскиот авион за време неговата посета на градот Њу Орлеанс во американската сојузна држава Луизијана.
Инаку, нова рунда разговори за прекин на огнот меѓу завојуваните страни е предвидено да се одржат утре, а како локации се наведуваат или главниот град на Катар, Доха, или египетската престолнина Каиро.
Но, според извештаите на „Њујорк тајмс“ и Скај њуз, официјалниот претставник на Хамас, наводно, рекол дека нивни претставници нема да учествуваа во разговорите. Во меѓувреме и американскиот државен секретар Ентони Блинкен ги одложи плановите за патување на Блискиот Исток и учество во преговорите за ставање крај на војната во Газа.
На вчерашниот состанок на Советот за безбедност во Њујорк, амбасадорката на САД во ОН повика на финализирање на договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас.
„Поширок регионален конфликт не е неизбежен. Главната цел на Соединетите Држави останува да ја намалат температурата во регионот, да се одвратат и да се одбранат од какви било идни напади и да се избегне регионален конфликт. Тоа започнува со финализирање на договорот за итен прекин на огнот со ослободување на заложниците во Газа“,
рече Томас-Гринфилд.
Палестинскиот амбасадор во ОН, Ријад Мансур, пак, го обвини Советот за безбедност дека не прави доволно за да запре израелската воена операција во Газа.
„Разбудете се, престанете да барате изговори. Барајте од нив да престанат“,
рече Мансур.
Од друга страна, израелскиот амбасадор во светската организација, Гилад Ердан, тврди дека Хамас користи цивили како човечки цели во Газа.
За потсетување, Израел ја започна воената кампања во Појасот како одговор на нападот на Хамас на јужен Израел на 7 октомври лани, а во кој беа убиени 1 200 луѓе, а 251 беа земени како заложници.
Оттогаш досега војната во палестинската енклава ги одзеде животите на речиси 40 000 луѓе, велат податоците на тамошното Министерство за здравство кое е под контрола на Хамас.
Во меѓувреме, како што наведува Би-би-си, стотици луѓе се убиени и во речиси секојдневната размена на оган меѓу Хезболах и израелската војска на границата меѓи Либан и Израел.
Сепак, и покрај напорите на меѓународната дипломатија за деескалација на тензиите, Иран во понеделникот ги отфрли повиците на западните земји да се воздржат од одмазднички напад врз Израел по убиството на Ханије.
Израел, кој не презеде никаква одговорност за атентатот на политичкиот лидер на Хамас, во меѓувреме ја стави својата војска на највисоко ниво на готовс.