Нападите следуваа откако Хамас истрела ракети кон израелскиот град Тел Авив
Најмалку 19 Палестинци загинаа, меѓу нив и мајка со своите две бебиња близнаци кои биле родени пред само четири дена во серија израелски воздушни напади во Појасот Газа, во местото Деир ал-Балах. Седум лица загинаа при напад врз куќа во кампот Ал Буреџи, додека, пак, четири други лица загинаа при гранатирање на кампот Ал Магази во централниот дел на палестинската енклава.
„Четворица загинаа при удар врз кампот Ал-Магази во централниот дел на палестинската енклава, а двајца при напад врз станбена зграда во градот Газа“,
велат палестинските власти.
Нападите на Израел следуваа откако Хамас лансираше ракета кон Тел Авив од Појасот Газа, првпат по повеќе од два месеци. Одговорноста за нападот ја презеде вооруженото крило на „Хамас“, Из Ад-Дин Ал-Касам, од каде што соопштија дека денеска биле истрелани две ракети „М90“ кон Тел Авив и неговите предградија.
Во меѓувреме, израелската армија, „Исламски џихад“ и Хамас соопштија дека се водат неколку битки во повеќе региони во Газа. Израелците соопштија дека убиле вооружени Палестинци и демолирале воени структури во Кан Јунис, но и дека откриле оружје и експлозиви во Рафах и спровеле напади врз ракетни поставки во централниот дел на Газа.