Според командирот на територијалната противпожарна единица од Крива Паланка, Иле Коцевски, пожарот бил локализиран вчера, во текот на претпладневните часови, додека на негово целосно гасење се работело до доцна синоќа

Kомандирот на територијалната противпожарна единица од Крива Паланка, Иле Коцевски, информира дека е изгаснат пожарот што избувна во саботата на градската депонија во Крива Паланка.
Според Коцевски, пожарот бил локализиран вчера, во текот на претпладневните часови, додека на негово целосно гасење се работело до доцна синоќа.
„Нашите екипи речиси 30 часа активно работеа на целосно гасење на пожарот, со оглед на тоа што станува збор за комунален отпад и се создаваа повеќе жаришта и запаливи гасови, така што, доцна синоќа, околу 22 часот и 30 минути, пожарот е целосно ликвидиран, со тоа што денес, во текот на денот, се очекува да бидат донесени 50-ина камиони земја од страна на економски оператори од реонот на Крива Паланка, за да се изврши натрупување на потребните делови на самата депонија“,
вели Коцевски.
Покрај општинската противпожарна единица, во гаснењето на пожарот биде вклучени и екипи од јавното претпријатие „Комуналец“, ТППЕ Ранковце, Дирекцијата за заштита и спасување, како и од повеќе приватни економски оператори што помогнале со земјен материјал за затрупување.
Претходно од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека во текот на изминатите 24 часа на територијата на државата биле регистрирани 26 пожари на отворен простор, но и дека, според последните податоци, во моментов нема активни пожари.
