Поради одложениот старт на учебната година, Бирото за развој на образование работи на кратење на наставните програми за бројот на денови кои би го надминале 10 јуни за да може учебната година да заврши на тој датум.
„Програмата се поедноставува затоа што часот ќе биде 30 минути. Сите овие програми со упатствата до петок ќе им бидат доставени на училиштата. Овој пат се подготвува и посебно упатство за оценување, што е исклучително важно, зашто онлајн-наставата треба да даде максимален квалитет, колку што е можно со овој начин на настава. Минатата година оценувањето не беше уредено. Сега велиме – оценувањето треба да се спроведува со физичко присуство и тоа ќе треба да се организира во групи, секако, доколку дозволува епидемиолошката состојба и тоа ќе го организираат училиштата со насоки од Бирото. Целта е да бидеме сигурни дека знаењето што го стекнале, на правилен начин сме го валидирале и ставиле во свидетелство“,
изјави денеска министерката за образование и наука Мила Царовска.
Таа денеска имаше средба со директори на основни училишта за условите со кои располагаат училиштата – колку се подготвени за организирање настава со физичко присуство од прво до трето одделение и за спроведување на насоките на МОН и дали се набавени сите потребни материјали прецизирани во протоколите за безбедност.
„Директорите и градоначалниците се главната алка кои треба да го обезбедат она што ние како Влада и Министерство го носиме. Затоа и ги повикавме на средба, за овој процес на подготовка го сфатат сериозно и понатаму ги спроведуваат насоките кои ги даваме. Дел од нив се подготвени за физичко присуство – помали училишта кои ќе може да ги опфатат сите одделенија или ќе побараат дозвола од комисијата на Владата, дел од нив се поголеми кои се подготвуваат за онлајн-настава. Платформата е во подготовка и наскоро ќе им биде презентирана на наставниците кои потоа ќе треба да ги вклучат и учениците“,
изјави министерката Царовска.
Според неа, и покрај епидемијата, учебната година ќе биде успешна ако сите страни во процесот вложат максимални напори. Од епидемиолошката состојба и насоките на Комисијата за заразни болести ќе зависи како ќе се постапува во текот на училишната година – дали ќе се продолжи според усвоениот план или, можеби, ќе треба некои работи да се менуваат.
Минатата недела Владата ги усвои протоколите за физичко присуство на учениците во основно и во средно образование кои се доставени до сите училишта, а вчера беше донесен и планот како ќе се спроведува учебната година еден месец пред нејзиниот почеток на 1 октомври.
Дел од директорите на состанокот веќе прават подготовки според здравствените протоколи и реорганизација на наставата согласно со капацитетите на нивните училишни објекти, што е нивна и надлежност на општините.