Од Царинската управа велат дека контролите веќе даваат резултати, односно дека е забележана зголемена наплата на увозни давачки за пловила кои претходно биле внесени во земјава со привремен увоз

Мобилни тимови на Царинската управа, во координирана акција со Министерството за внатрешни работи (МВР), извршиле контрола на 38 пловила на Охридското Езеро, при што биле проверувани нивниот царински статус, како и лицата што управувале со нив.
Од Царинската управа велат дека контролите веќе даваат резултати, односно дека е забележана зголемена наплата на увозни давачки за пловила кои претходно биле внесени во земјава со привремен увоз.
„Во изминатиот период се забележува зголемена активност на платени увозни давачки за пловни објекти кои биле внесени со привремен увоз, што укажува дека контролите даваат ефект“,
вели управникот на Царинарница Битола, Ѓоко Трпоски.
Од Царината појаснуваат дека целта на акцијата е да се утврди царинскиот статус на пловилата внесени во земјава, особено на оние што се водат како привремено увезени.
Според царинските прописи, ваквите пловила може да се користат во земјава во законски утврден рок. По истекот на тој рок, доколку пловилото не биде повторно извезено и не ја напушти државата, сопственикот треба да го регулира неговиот статус и да ги плати предвидените увозни давачки.
Проверките се вршеле согласно Царинскиот закон, Законот за внатрешна пловидба и другите прописи што го регулираат увозот, прометот и управувањето со пловила.
Началникот на Одделението за оперативни работи во Царинската управа, Душан Размовски, најавува дека мобилните тимови ќе продолжат со засилени контроли.
Од Царината предупредуваат дека за непочитување на законските одредби ќе следуваат прекршочни санкции, а меѓу можните мерки е и одземање на пловилото.
