Како што пренесува „Нова.рс“, во акцијата на полицијата и Третото основно обвинителство во Белград уапсени се директорот, сопственикот и менаџерот на сплавот
Три лица, меѓу кои и еден грчки државјанин се уапсени во врска со тонењето на белградскиот сплав „Фристајлер“ за време на новогодишната ноќ, јавуваат српските медиуми.

Како што пренесува „Нова.рс“, во акцијата на полицијата и Третото основно обвинителство во Белград, се уапсени директорот, сопственикот и менаџерот на сплавот. Засега, нема прецизни информации кој од тројцата е грчки државјанин.
Инаку, информацијата за апсењето на тројцата осомничени ја потврдиле за РТС од надлежните институции.
Според информациите на српските медиуми, тројцата осомничени се товарат за кривично дело против општата безбедност. Тие, како што се наведува, се соочуваат со затворски казни од една до осум години, колку што предвидува кривичниот законик на Србија за ова дело.
Белградскиот сплав „Фристајлер“ до половина потона за време на новогодишната ноќ. Очевидци на драмата што се случила во популарниот клуб велат дека водата почнала да надоаѓа десет минути по полноќ, но дека на почетокот не разбрале што се случува. Кога сплавот се навалил, почнала паниката и стампедото кон излезот.
За среќа, во инцидентот немаше повредени и настрадани лица.
Градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ вчера изјави дека според неговите информации, причината за потонувањето на сплавот е тоа што на него се качиле два до три пати повеќе луѓе од дозволеното и дека понтоните што биле додадени на сплавот не биле со иста издржливост како претходните. Шапиќ рече дека ќе има контроли и драконски казни, но и кривична одговорност.
Српските медиуми денеска објавуваа нови детали поврзани со локалот, меѓу кои и за цените за дочекот на Новата година. Според информациите на порталот „Нова.рс“, кои ги пренесуваат и други српски медиуми, само влезот за новогодишната ноќ се плаќал 25 евра, а за пијачки се плаќало кој колку ќе испие.
Денеска, медиумите во Србија објавија и неофицијални бројки дека сплавот бил регистриран за 220 лица, а се претпоставува дека на новогодишната ноќ имало најмалку 400, а можеби дури и 600 луѓе.
Порталот „Нова.рс“ објави дека тонењето на „Фристајлер“ за време на новогодишната забава не е прв случај во кој овој белградски сплав се споменува во медиумите во негативен контекст.
Неодамна сплавот добил несакан публицитет од Специјалниот суд во Белград, од судењето на криминалната група на Вељко Беливук и Марко Миљковиќ, при сведочењето на обвинетиот-соработник Срѓан Лалиќ, озлогласен член на овој клан кој во замена за помала казна се согласи да сведочи против своите поранешни другари.
Сплавот се споменува во случаи на шверц на дрога, инциденти со оружје, повеќе случаи на физичко насилство, а во 2017 година бил и запален од страна на непознати лица.