Оваа информација за српскиот радиодифузен сервис ја потврдил адвокатот на Пантиќ, Срѓан Митровиќ кој најавил и жалба по однос на одлуката на судот во Приштина донесена на барање на обвинителот. Адвокатот додава дека барањето на обвинителот за мерка притвор од еден месец за уапсениот Пантиќ е спротивно на законот бидејќи немало образложение за самата мерка
Судија од Спецјалното одделение на Основниот суд во Приштина одреди 30-дневен притвор за Дејан Пантиќ, поранешниот припадник на косовската полиција кој беше уапсен во саботата на северот на Косово, под обвинение дека минатата недела учествувал во организацијата и нападот врз полицијата и канцелариите на изборните комисии во општините со мнозинско српско население во северно Косово, јави РТС.
Оваа информација за српскиот радиодифузен сервис ја потврдил адвокатот на Пантиќ, Срѓан Митровиќ кој најавил и жалба по однос на одлуката на судот во Приштина донесена на барање на обвинителот.
„Дејан е во објект во Јариње, изгледа уморно, ми се пожали дека спиел на столче“,
изјавил адвокатот Митровиќ, јави РТС.
Адвокатот додава дека барањето на обвинителот за мерка притвор од еден месец за уапсениот Пантиќ е спротивно на законот бидејќи немало образложение за самата мерка.
Дејан Пантиќ е поранешен припадник на полицијата од северот на Косово, а од таа служба се откажал минатиот месец, кога тоа го направија сите полицајци од српска националност на северот на земјата.
Тој беше уапсен во саботата на граничниот премин „Јариње“ на северот на Косово, под обвинение дека учествувал во организацијата и нападот врз полицијата.
По апсењето на Пантиќ, Србите на северот на Косово истиот ден поставија барикади на неколку локации, барајќи негово ослободување и ослободување на друг сонародник уапсен ден претходно.
Според косовскиот премиер Албин Курти, инцидентите на северот на Косово се предизвикани од криминални групи, диригирани од српскиот претседател Александар Вучиќ. По вчерашната седница на државниот Совет за безбедност, Курти порача дека „Косово не бара конфликт, туку мир и дијалог, но доколку биде потребно ќе се одбрани решително и силно“.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ во интервју за британската агенција Ројтерс изјави дека Србија бара ослободување на сите уапсени Срби и начини за смирување на тензиите на северот на Косово. Во интервјуто дадено по седницата на Советот за национална безбедност, Вучиќ повтори дека Србите во Косово не смеат да учествуваат во насилството врз припадниците на силите на КФОР и ЕУЛЕКС.