Обвинителството бараше затворски казни и конфискација на имот, одбраната, пак, очекува ослободителна пресуда бидејќи тврди дека нема ништо спорно во набавката на британската опрема за следење
Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска ќе биде изречена пресудата за случајот „Трезор“, кој се однесува на начинот на набавка на британската опрема за следење на комуникации во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК).
Првообвинет е ексшефот на УБК, Сашо Мијалков, а на обвинителна клупа седат и поранешниот шеф на неговиот кабинет и началник на оддел во УБК, Тони Јакимовски и поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ. Во отсуство му се суди и поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски. Тројца се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластувања, а Јакимовски за помагање.
Пресудата ќе биде изречена по повеќе од 3 години од почетокот на судскиот процес, првото рочиште беше закажано на 5 февруари 2018. Судскиот процес го води судечки совет составен од Џенета Бегтовиќ, како прва и Софче Гаврилова-Ефремова, како втора судијка, како и тројца судии поротници. Предметот го започна СЈО, а потоа со другите и „Трезор“ премина во рацете на редовните обвинителства, но обвинителите останаа исти, па како застапници на обвинението пред судот се Артан Ајро и Трајче Пеливанов.
Обвинителството бараше затворски казни и конфискација
Во овој предмет Обвинителството тврди дека обвинетите договориле да направат набавка на опрема од Велика Британија преку фирмата „Финзи“ од Скопје, како посредник, наместо тоа да го направат на поекономичниот начин, директно од британската компанија „Гама интернешнл“. Со тоа му била направена штета на буџетот и била прибавена противправна имотна корист за скопската фирма.
Обвинителите во своите завршни зборови за „Финзи“ потенцираа дека станува збор за фирма која првично била основана од офшор-фирма во САД, а на која како краен сопственик се јавува бизнисменот Орце Камчев. Прв управител на скопската фирма бил регистриран братот на обвинетиот помошник-министер во МВР Небојша Стајковиќ, а потоа управител бил починатиот Коста Крпач. Оваа фирма, поради сомнителниот капитал и потекло е дел и од истрагата „Империја“ каде што се осомничени и Мијалков и Камчев.
Ајро и Пеливанов бараа затворски казни, но и конфискација на имот во висина од околу 48,5 милиони денари, колку што, според обвинителството, била штетата на државниот буџет со ваквиот начин на набавка. Обвинителите побараа дел од оваа сума да се надомести со конфискација на пари од две сметки во Охридска банка (една со 838 106 денари и друга со 145 619 денари), како и автомобил „ауди“, проценет на нешто повеќе од еден милион денари. Останатиот дел, пак, рекоа да го надоместат обвинетите: Мијалков и Грујевски да платат по околу 11,5 милиони денари, Јакимовски нешто повеќе од 7 милиони денари, а Стајковиќ околу 6 милиони денари.
Одбраната тврди дена нема кривично дело кај Мијалков
Наспроти тезите што ги застапуваше обвинителството, одбраната тврдеше дека во „Трезор“ нема ништо спорно околу набавката. Адвокатите тврдеа дека ексшефот на УБК нема никаква врска со „Финзи“ ниту, пак, некако влијаел на тоа британската компанија да потпише договор со скопската фирма за да биде ексклузивен дистрибутер на опремата за Македонија.
Според теоријата што ја застапуваа адвокатите и пред судот и во јавноста, во „Трезор“, Мијалков не може да се години за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувања бидејќи станува збор за дело кое е општо и ако го има тоа треба да биде поврзано со прекршување на друг закон или подзаконски акти. Според нив, тоа не е така во овој случај.
„Обвинителот убаво наведе дека ова кривично дело спаѓа во главата на кривични дела кои се однесуваат на злоупотреба на службената положба и овластувања и притоа наведе дека објектот на заштита се однесува на совесно и законско исполнување на функцијата на која се наоѓа функционерот, а притоа незамисливо за одбраната е што во самиот обвинителен акт нема ставено ниту една повреда која ја сторил Сашо Мијалков во врска со неговата функција. Имено, ова кривично дело е општо и самото по себе не претставува кривично дело доколку не упатува на друга норма односно одредба која се наоѓа во друг закон или подзаконски акт каде истата е детерминирана како повреда“,
рече Љупчо Шврговски, еден од неговите адвокати, во изјава за медиумите во пресрет на неговите заврши зборови.
Одбраната, исто така, ја оспорува и пресметаната штета бидејќи тврди дека обвинителите не доставиле како доказ вештачење направено од експерт во економските науки.