Партијата упати апел до бугарските политичари за поголема разумност и внимателност во нивните јавни настапи, со цел да не можат да бидат искористени за политички цели

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска испрати јасна и недвосмислена осуда за изјавата на бугарската министерка за надворешни работи, Велислава Петрова-Чамова, во која го употреби терминот „северномакедонски“ за означување на македонскиот народ.
Од партијата нагласуваат дека користењето на овој поим е неточно и несоодветно.
Во соопштението, ВМРО-ДПМНЕ потсетува дека во Македонија живеат Македонци, Албанци, Срби, Турци, Власи, Роми, Бошњаци, но Северномакедонци нема.
Партијата упати апел до бугарските политичари за поголема разумност и внимателност во нивните јавни настапи, со цел да не можат истите да бидат искористени за политички цели.
Истовремено, упатен е повик и до сите останати политички субјекти да го осудат овој говор на министерката Петрова-Чамова, со цел давање јасен став дека идентитетот не е предмет на разговори, преговори и договори.
Новата министерка за надворешни работи на Бугарија, Велислава Петрова-Чамова во изјава од Брисел рече дека имала добра прва средба со министерот за надворешни работи на Македонија, Тимчо Муцунски, кој како и неговата бугарска колешка беше во работна посета на Брисел каде што учествуваа на состанокот на Советот за надворешни работи на Европската Унија.
„Бугарија има јасно изразен став, кој од 2022 година натаму повеќе не е билатерално прашање, туку прашање на дискусија меѓу Европската Унија и земјата кандидат. Денеска овој став беше потврден и мило е што за него имаме широк политички консензус во Бугарија. Им го кажав ова и на нашите северномакедонски партнери. Очекуваме активности од нивна страна кои ќе покажат дека имаат целосна политичка подготвеност да продолжат напред по својот европски пат“,
рече Петрова-Чамова.
Македонскиот шеф на дипломатијата Муцунски реагираше на изјавата на Петрова-Чамова велејќи дека тие немале официјална билатерална средба туку, како што вели, кратка размена на зборови на маргинален настан, во присуство на повеќе колеги.
Според Муцунски, користењето на терминот „северномакедонски“ за означување на македонскиот народ е неточно и несоодветно.
„Македонците се Македонци. Ова не е прашање на политика, туку на основно почитување на идентитетот и достоинството на еден народ. Во дипломатијата прецизноста не е формалност, туку одраз на почит“,
напиша Муцунски во реакцијата.
