Нова дојава за бомба во едно училиште во Скопје е примена попладнево во СВР Скопје.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека случајот во СВР Скопје е пријавен околу 14 часот.
„Денеска во СВР Скопје околу 14 часот е пријавено дека на меjл на едно училиште во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна направа. Веднаш по добиената пријава, полициски службеници преземаат мерки за безбедно евакуирање на училиштето и антитерористички проверки и за расчистување на случајот“,
велат од МВР.
Според неофицијалните информации, и овој пат дојавата е во СУГС „Никола Карев“ кое и изминатите два дена беше на листата на училиштата каде што екипи на МВР и антитероризам вршеа проверки.
Ова е трет ден како на електронска адреса се испраќаат пораки за поставени бомби. Во изминатите два дена, по направените проверки од страна на МВР, беше утврдено дека пријавите се лажни.