На првиот консултативен состанок в среда ќе учествуваат претставници на сите релевантни институции, а ќе се разговара за се што е потребно да се подобри животниот стандард на пензионерите, вели министерката

В среда на работната група, формирана со одлука на Владата, ќе се разговара за законот за минимална пензија по примерот на минималната плата во државата. На средбата ќе се разговара за да се утврди со закон минималната пензија, изјави денеска министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето во употреба на детска градинка во Општина Босилово.
На првиот консултативен состанок во среда ќе учествуваат претставници на сите релевантни институции, а ќе се разговара за се што е потребно да се подобри животниот стандард на пензионерите, вели министерката.
Според Тренчевска, Владата покрај отворањето на дневни центри и помош и нега во домот на пензионерите, работи и на нови социјални мерки за пензионерите, а една од нив е законот за минимална пензија.
„Освен во делот на усогласувањето и донесувањето на новата методологија што ја донесовме лани во март за постојан раст на пензиите, односно двапати во годината да се усогласува, ние работиме и на услуги што впрочем и денес овде во Општина Босилово, во населеното место Турново ќе го отвориме Дневниот центар за активно стареење токму наменет за нашата највозрасна категорија на граѓани-тоа се пензионерите“,
истакна Тренчевска.
Министерката Тренчевска на средба со Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, на 15 август, донесоа одлука да се формира работна група што ќе предложи решенија кои ќе бидат одржливи во однос на утврдување на износот на минимална пензија, но и за други видови мерки за помош и поддршка на пензионерите. Работната група ќе брои членови и претставници од МТСП, Владата, Сојузот на пензионери и ПИОМ.
Потоа Владата ја разгледа и усвои Информацијата од Министерството за труд и социјална политика за формирање на работната група која доби задолжение да достави до Владата соодветен и финансиски издржлив предлог за најниската пензија и предлог мерки за помош и поддршка на пензионерите.
За барањето на пензионерите, кои изминатиот период излегуваа на протести и бараа линеарно зголемување на пензиите од 3 500 денари, Тренчевска минатата недела рече дека прво ќе се чека на мислење од Уставниот суд и од правната експертска јавност за да се види дали линеарното покачување е во согласност со Уставот и Законот за пензиско и инвалидско осигурување.